Македонија
2. January 2019 - 16:29

Две села во општина Струмица ќе добијат детски градинки

Две села во општина Струмица ќе добијат детски градинки. Муртино и Куклиш се првите населени места од општината во кои веќе се градат нови клонови градинката Детска радост. Се работи за преадаптација на објекти кои се сопственост на општината, а  се градат со финансиска поддрша на ЕУ. Целиот проект кој го администрираат Светска Банка и  министерството за финансии чини околу 150 000 евра. Поголемиот дел од средствата  се обезбедени преку ИПА фондовите, а свое учество има и општина Струмица од сопствениот буџет. Од општината велат станува збор за еден од најзначајните проекти од социјалната програма со кој значително ќе се подобри квалитетот на живот во овие населени места.

,, Еден проект кој ќе опфати околу 86 дечиња кои што ќе бидат згрижени во овие објекти . Мислам дека на тој начин, со згрижување на таа наша најмлада популација значително  ќе се подобри квалитетот на живот во овие населени места. Тоа е еден долго очекуван и посакуван проект кој што еве успеавме на некој начин да го доведеме до реализација.,, вели КОСТА ЈАНЕВСКИ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА СТРУМИЦА

Градежните работи е планирано да завршат до крајот на февруари, а потоа следува доопремување  со потребниот инвентар.

Градинката во Куклиш е со поголем капацитет и во неа е предвидено да бидат згрижени 60 деца, додека објектот во Муртино е планиран за 26 деца.