Македонија
28. August 2022 - 19:45

Двојно повеќе обиди за криумчарење мигранти во првите 7 месеци од годината во споредба со истиот период лани

За седум месеци пограничните служби откриле 53 случаи за криумчарење мигранти , што е двојно повеќе во однос на истиот период лани кога имало 26 такви случаи. Најголемиот дел од нив или над 75% се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар Југ ангажирани за справување со оваа криминална активност на јужниот дел од државата. Мигрантите кои биле предмет на криумчарење и кои по секоја цена се обидуваат да стигнат до посакуваната дестинација најчесто доаѓаат од Пакистан, Сирија и Индија.

Годинава ,  полициската статистика бележи речиси двојно зголемување и во делот на сторителите кривичното дело криумчарење. Во периодот од јануари до јули регистрирани се  41 кривично дело, а против 62 лица од кои 15 странски државјани веќе се преземени мерки на кривичен прогон.

Во делот на илегалните преминувања на државните граници бројките се движат во рамки на минатогодишното ниво и изнесуваат нешто повеќе од 11 500 обиди. Речиси 88% од обидите биле спречени на границата со Република Грција каде оваа година е забележано незначително намалување. Меѓу првите неколку земји од кои доминираат мигрантите кои биле спречени да влезат илегално на македонска територија се Пакистан ,Сирија Индија,  Авганистан.