Македонија
13. February 2024 - 16:48

ДЗР: Трикафтата не е достапна за сите пациенти

Не се знае како се одлучувало кој меѓу првите ќе добие трикафта, констатира државниот завод за ревизија. Во делот од извештајот за набавката на лекови за пациентите со цистична фиброза од страна на детската клиника се констатира дека во 2022 и 2023 година обезбедените близу 2.9 милиони евра биле доволни за терапија за 15 од вкупно 140 пациенти.

- Ненавлегувајќи во медицинската исправност на одлуките на докторите и не оспорувајќи ја потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија.  Поради тоа,  со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум, се вели во извештајот на ДЗР.

Од министерството за здравство ги негираат ваквите тврдења.

- Не постои субјективизам при изборот за лекување на пациенти со цистична фиброза. Листата на пациенти е направена од работна група во Министерството, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање, одговорија од мз.

И додаваат дека досега со обезбеден условен буџет се обезбедува терапија за првите 12 и нови 39 пациенти со цистична фиброза, но досега трикафта примиле 28.

Инаку во извештајот за работата на детската клиника во 2022 година ревизорите констатирале дека биле набавени лекови на реверс во износ од 8.6 милиони денари, а фактурите биле изготвени и доставени до Клиниката по склучувањето на договорите за јавни набавки.

- Почитувајќи ја потребата од континуирано и навремено обезбедување на лекови утврдивме дека воспоставениот начин на набавка влијае на рационално користење на средствата во постапките за јавна набавка и почитувањето на начелото на конкуренција што не е во согласност со членовите 3 и 5, забележуваат од државниот завод за ревизија.