Македонија
10. September 2021 - 16:37

ДЗС: Пописот тече, техничките проблеми се карактеристични за обемни операции

Пописот е во тек, но се одвива со забавена динамика, информираат од Државниот завод за статистика. Се работи за надминување на техничките предизвици, кои повремено се појавувале изминатите денови на терен, велат од таму.

- Пописните активности течат, не се прекинати, а се спроведуваат со намален интензитет со цел техничкото усогласување да се заврши во најкраток можен рок и час поскоро процесот да продолжи со висок интензитет како и до сега, се наведува во писмената реакција од статистика.

Се надеваат дека во најкус можен рок сите попишувачи ќе можат да си ја извршуваат работата, но додаваат дека изминатите денови нивните веб страници биле под постојани напади, а поради заштитите кои се користат за да ги спречат, во одредени периоди не биле достапни.

Инаку, пописот започна на 5 септември, но уште на вториот ден се појавија технички проблеми. Според очекувањата, треба да заврши на 30 ти септември годинава.