Македонија
24. April 2026 - 16:45

Еден загинат и четворица повредени градежници во Кисела Вода

Еден загинат и четворица повредени е билансот од несреќата на градилиштето во Кисела Вода. Инцидентот се случил рано изутрина во 8:15 минути откако, најверојатно поради подземни води, земјиштето се излизгало врз работниците кои ја копале јамата за поставување на темелите за шесткатницата. Сепак, причините за несреќата ќе ги утврдат истражните органи, а Јавното обвинителство веќе изврши увид на местото на несреќата.

Сведоци велат, се се случило многу брзо.

- Имаше вработени што работеа и наеднаш ги снема. Само видов глава од едниот што силно викаше „Помош“. Јас во моментот се стресов, се исплашив, се симнав долу и почнав да викам и почнаа луѓево да се собираат, вели жителка на околен објект.

Први на помош пристигнале нивните колеги, но и соседите.

- Во истиот момент тие од надвор што беа од околу, вработените, одма земаа лопати, одма помош дадоа. Фрлија блузите, по кратки ракави, откопуваа со лопати по што со механизација не можеше. Со раце, пократки ракави, со раце влечеа земја да помогнат, да спасат, после стрчаа и други да помогнат, и од зградава да реагираат. 

Првично на Ургентен биле однесени тројца работници, но во попладневните часови однесен е уште еден. Тројца од работниците поминале само со лесни повреди, а само еден со потешки повреди.

- 57-годишниот е донесен со скршеници на долни екстремитети и е примен на КАРИЛ за домониторирање и подготовка за оперативен третман, вели д-р Оливер Арсовски од ТОАРАЛУЦ.

Дозволата за градба е издадена пред само месец и половина. Инвеститор е компанијата НАР Инвестмент чиј сопственик е поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски, а изведувач е Компанија Јакимовски.

Коневски жали за несреќата, но вели, сите законски процедури се испочитувани. Земјиштето, според него, било во сопственост на неговото семејство повеќе од 50 години. Сопственикот на Компанија Јакимовски, пак, откако му се претставивме само ни спушти слушалка.

Несреќата доби и политичка димензија. Советничката група на СДСМ свика итна прес-конрефенција на која советниците кажаа дека за оваа несреќа мора да има одговорност.

- Денес поднесовме барање за итно свикување на вонредна седница на Советот на општина Кисела Вода. На таа седница бараме се донесат конкретни одлуки: Формирање на независна стуручна комисија која ќе изврши целосна проверка на сите издадени одобренија зџа градба на територијата на општината, итно воведување на мораториум на сите градежни активности се додека не се утврди дека истите се безбедни и во согласност со законите, рече координаторката на советничката група, Билјана Стојановска.

Градоначалничката, пак, побара смиреност и да не се политизира целиот случај. Вели, се било по закон.

- Се што е во рамки на наша надлежност како општина е преземено. За да се издаде градежната дозвола се е како процедура по закон направено.
„Дали во меѓувреме градежни инспектори биле да проверат да видат како оди целата работа на терен?“
- Да. Градежните инспектори и денес беа исто така на терен заедно со службите и сето она ко системски треба да биде, рече градоначалничката. 

Градежништвото заедно со земјоделието, според извештаите на невладините кои ја следат безбедноста на работните места, се дејностите каде секоја година без исклучок има најголем број смртни случаи при извршување на работни задачи.