Експерти за безбедност при работа: Институциите си играат мачка и глувче
По несреќата во Чаир каде при ископ за водоводна мрежа загинаа двајца браќа, а близок роднина со повреди заврши во болница Обвинителството собира податоци дали градежните работи се изведувале со соодветни дозволи. Од ЈОРМ за Сител информираат дека ќе почекаат инвеститорот и изведувачот да им ја достават документацијата , а Судска медицина извештаите од обдукцијата по што ќе одлучат дали некој ќе одговара за трагедијата.
Во меѓувреме, според експертите за заштита при работа како и досега само кога ќе се случи несреќа институциите почнуваат да ги применуваат законите. Вчера од општината Чаир информираа дека градежните работи се изведувале без дозвола.
- Институциите играат игра на глувче и мачка. Ќе дојдат во ситуација сега да ги применуваат законите и да бараат одговорност, изјави за Сител Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа.
Петковски е категоричен дека ова е комплексен проблем. При изведување на градежни работи задолжителната заштитна опрема е последна во алката, прво се почнува од идејата.
- Потоа таа идеја се става на цртеж и тој потоа се дава на градежната фирма, додаде Петковски.
Од трудовиот инспекторат ниту денеска не излегоа со официјален извештај за несреќата во Чаир.
Инаку според податоците од Македонското здружение за заштита при работа лани 33 лица ги загубиле животите на работните места. Најмногу во земјоделството и градежништвото.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
