ЕП ја оневозможи вештачката интелигенција на таблетите на пратениците поради безбедност

Европскиот парламент (ЕП) ги оневозможи функциите на вештачка интелигенција (ВИ) на таблетите што им ги доделува на пратениците, поради безбедност и заштита на податоците, се наведува во имејл испратен денеска до европратениците, дознава Еурактив.
Според имејлот, одлуката за блокирање на ВИ алатките, вклучително и помошниците за пишување и виртуелните асистенти, е донесена врз основа на препораките на тимовите на ЕП за кибер безбедност и заштита на личните податоци.
„Проценките покажаа дека некои од овие функции користат клауд (cloud) сервиси за задачи што можат да се извршат локално, испраќајќи податоци надвор од уредот“, се вели во имејлот, со напомена дека моментално се врши дополнителна анализа за да се утврди „колкав е обемот на податоците што се споделуваат со провајдерите“.
„Додека ова целосно не се разјасни, се смета за посигурно функциите да останат оневозможени“, се додава во соопштението.
Според документот, исклучени се само „вградените ВИ функции“ како помошниците за пишување и сумирање текст, напредните виртуелни асистенти и резимеата на веб-страници, додека апликациите од трети страни и останатите секојдневни алатки остануваат активни, иако и тие исто така можат да користат ВИ функции.
ЕП исто така, наведува Еурактив, ги упатил пратениците да применат слични мерки на претпазливост на личните уреди, вклучително и преглед и оневозможување на непотребните ВИ функции, ограничување на дозволите на апликациите и избегнување на изложување на работните имејлови или документи на ВИ технологиите.
Одлуката доаѓа во момент кога Европската Унија сè повеќе ја преиспитува зависноста од дигиталните платформи, главно американски, поради безбедносни ризици, вклучително и пристапот на американските власти според законите како што е Cloud Act.
МИА
Ново на Сител
-

Мисајловски: Имаме стабилна и безбедна ситуација, тоа што го прави претседателот Трамп за мирот го поздравуваме
-

Франција: Речиси 70.000 смртни случаи поради тутун, голем товар за јавното здравје
-

ЕП ја оневозможи вештачката интелигенција на таблетите на пратениците поради безбедност
-

Трагично заврши потрагата по исчезнатиот Виктор од Прилеп
-

ОН: Откритијата во досиејата на Епстин може да претставуваат злосторства против човештвото
-

Ѓорѓиевски: Градежните активности се одвиваат во полн ек
-

Полицајци спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа
-

За една седмица „Безбеден град“ констатирал 4490 сообраќајни прекршоци, за 10% помалку од предходната седмица
