Есхумирана уште една жена, по судска наредба осомничениот сериски убиец испратен на психијатриско вештачење
Отпочната е есхумацијата на уште една повозрасна жена за која обвинителството побара да се испита дали станува збор за евентуална жртва на серискиот убиец од кумановско.
Поради сензитивноста на настанот и во заштита на семејствата на жртвите не откриваат детали за кој случај станува збор.
Под какви околности настапила смртта кај жената не е познато ниту дали во полицискиот билтен е заведен како случај со насилна смрт. Детали не сакаше да открие ниту министерот за внатрешни работи.
Лекари ќе утврдуваат какво е ментално здравје на 25 годишниот осомничен сериски убиец. Од затворот Кшање тој денеска е спроведен на клиниката за психијатриско вештачење.
- По наредба на судија на претходна постапка, осомничениот Т.Б. денеска е спроведен во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Психијатрија за психијатриско вештачење. По завршувањето ќе биде вратен во КПУ Затвор Куманово на издржување мерка притвор - изјави директорот на установата, Оливер Цветковски.
Засега истрагата за него се води за две убиства. Претходната обдукција на 36 годишната Марија покажа дека се работи за убиство извршено од рацете на осомничениот. Доколку и последната есхумација го покаже истото обвинителството ќе побара и други откопувања. Истовремено се истражува дали 25 годишниот самонаречен овчар работел сам или имал соучесници.
Под истрага е неговото семејство, полицијата и лекарите кои постапувале или не постапувале по пријавите кои пристигнувале за него. Освен за тешки кражби тој не бил пријавен за друго кривично дело се до случајот со преживеаната старица од Куманово која била нападната во својата викендица. По овој случај истражните органи почнале да ги поврзуваат останатите случаи со нападнати или починати жени во изминатава година.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
