Македонија
1. September 2025 - 10:57

ЕУ ослободи осум милиони евра од првата транша за Македонија преку Инструментот за раст за Западен Балкан

Со Одлука за спроведување на Европската комисија за одобрување на првото ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан одобрена е првата исплата на средства за нашата земја во износ од осум милиони евра. 

Со оваа Одлука, информираше денеска Министерството за европски прашања, одобрени се 2.3 милиони евра како неповратна помош и 2 милиони евра како заем кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и 3.7 милиони евра што го претставува преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка. Во таа сума не се вклучени околу 3,6 милиони евра кои се наменети за порамнување на дел од средствата кои државата претходно ги доби како претфинансирање.

Средствата се обезбедени по доставеното Барање од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како национален координатор за Инструментот за реформи и раст, во име на Владата на Република Северна Македонија, а преку Министерството за европски прашања, ја достави целокупната документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година).

Барањето опфаќаше реформи во повеќе области. Во  управување со јавни финансии, потсетува, беа предвидени законски измени за поефикасно и транспарентно буџетско управување, во енергетика се воспоставени нови управувачки структури за спроведување на Планот за праведна транзиција, во деловна средина се воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании, а во областа владеење на правото се предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители согласно долгорочните проекции на надлежните совети.

- Според оценката на Европската комисија, целосно исполнети се два чекори: донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва. Ова претставува 40 проценти реализација на чекорите односно 50 проценти во однос на средствата. За преостанатите чекори, Комисијата констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци за односно до декември 2026 година. Тоа значи дека државата има дополнително време за нивна реализација и ослободување на останатите средства од вкупните алоцирани средства кои се во висина од околу 17,1 милиони евра, се вели во соопштението од Министерството за европски прашања.