Македонија
20. September 2015 - 16:09

Европа ни ги натовари мигрантите, пари не дава и гледа сеир

Македонија е обвинувана за ситуацијата со мигрантите, иако тие доаѓаат кај нас од територијата на Европската унија. За жал, Унијата го заборави Балканот и  oставени сме сами со овој проблем, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за полскиот весник Gazeta Wyborcza.

- Низ Македонија поминува главната рута на мигрантите. Ние трошиме 1 милион евра месечно за да им помогнеме, а само за зајакнување на полициските сили трошиме 800.000 евра месечно. Нашите пробеми се резултат на тоа што се случува во ЕУ - мигрантите доаѓаат во Македонија од територија на Унијата, бидејќи никој не ја чува нејзината граница, вели  претседателот Иванов.  

Шефот на државата нагласува дека  Македонија постапува со мигрантитe хумано, и им овозможува транзит низ нејзината територија за 72 часа. Иванов во интервјуто прави споредба на помошта од Унијата. Грција од ЕУ добила 450 милиони евра, а Македонија  90 илјади евра, а дополнителната ветена помош поради бирократски процедури ќе стигне зимата.

Македонскиот претседател во интервјуто констатира дека соработката меѓу нашите и службите на Унијата, особено Грција е многу слаба. 

- Веќе имавме ситуација кога во еден ден, грчките власти, транспортираа кон нашата граница 15 илјади луѓе. Моравме да прогласиме кризна состојба и да испратиме војници да ја контролираат ситуацијата, бидејќи градот Гевгелија, на границата, преку кој поминува главната траса на миграција, има само 15 илјади жители. Почнаа немирите, мигрантите фрлаа камења на нашите полицајци, и тие мораа да превземат мерки. Македонија беше обвинета за ситуацијата со мигрантите, иако овие луѓе дојдоа од територија на ЕУ. За жал, Унијата го заборави Балканот, Оставени сме сами со овој проблем, вели Иванов.

Осврнувајќи се на европската перспектива на земјата Иванов објаснува дека и покрај препораката на Европската комисија и шестте позитивни извештаи, Македонија е блокирана поради спорот со името со Грција. Вели претседателот Иванов во интервјуто за полскиот весник Gazeta Wyborcza.