Филипче ќе го вакцинира малолетниот син, имунолозите препорачуваат предност за вакцина да имаат ризичните групи
Малолетниот син на Венко Филипче ќе прими вакцина против Ковид-19. Со личен пример министерот за здравство ќе покаже дека вакцините се безбедни за децата. Имунизацијата за младите над 12 годишна возраст со Фајзер која е најавена за од понеделник нема да биде задолжителна.
-Ова е единствен начин за да стигнеме до соодветен процент на колективен имунитет. Има некои земји кои го воведуваат тоа вакцинирање како задолжително, односно нема да ги примаат децата во училиштата ако не се вакцинирани. Тоа е некаде политика во западноевропски земји. Кај нас нема да биде задолжителна вакцината и ќе се користи вакцината на „Фајзер“. Така да, јас директно ви одговарам, јас тоа ќе го направам, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Според имунологот Мери Киријас неспорно е дека вакцината на Фајзер е безбедна и за деца. Тоа го покажува и студијата на производителот и одобрението од релевантни светски институции дека може да се користи и за малолетници над 12 годишна возраст, меѓутоа таа посочува дека овој период кога сеуште имаме невакцинирано ранливи категории оваа вакцина е подобро прво да им се даде на нив.
-Кај нас сеуште имаме ранливи категории, имаме имунокомпромитирани доилки и бремени за кои им аповеќе докази за примена на Фајзер како поефикасна и безбедна вакцина со објавени податоци на поголем број испитаници и тие групи на луѓе сакаат да се вакцинираат со таа вакцина. Се додека и тие групи додека се вакцинираат паралелно без проблем и ако имаме доволно вакцини за групата адолесценти тогаш не претставува проблем се додека и останатите граѓани имаат достапност до вакцината Фајзер бидејќи во моментот само таа е одобрена за деца над 12 годишна возраст, изјави за Сител доц. д-р Мери Киријас, од Институтот за имунологија и хумана генетика.
Експертите се категорични дека наредните два месеци фокус треба да се стави на повозрасните членови на семејствата, па потоа да се вакцинираат децата. Според официјалните податоци досега во Македонија комплетно имунизирани се само 12 проценти од населението, што е далеку од посакуваниот колективен имунитет.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
