Филипче: Сите лаги на Мицкоски се разобличени - ЕУ го потврди македонскиот идентитет
Фон дер Лајен ги разобличи лагите на Мицкоски за наводната загрозеност на македонскиот идентитет, вели опозцискиот лидер. Според Филипче македонскиот идентитет е загрозен единствено од власта која намерно ја држи државата во изолација.
„Не напредуваме, стоиме во место. Поминуваат шансите покрај нас, а младите луѓе се селат. Ние тонеме во сиромаштија. Нека не го губи времето повеќе на државата Христијан Мицкоски, затоа што ниту е патриот, ниту ги штити националните интереси. Еве, го потврди тоа и претседателката Фон дер Лајен. Тоа е само еден обичен лажго којшто сака да остане на власт“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче вели дека не очекува ништо ниту од можната средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете држави. Уставните измени се обврска превземена кон ЕУ, а не кон Бугарија.
„Што ќе прави Тимчо сега? Ќе клечи? Ќе витка кичма? Што ќе прави во Бугарија? Зошто треба да се оди во Бугарија, кога ние имаме работа со Брисел на темата? Зошто сакаат тоа да го направат, да го билатерализират прашањето кога не е така како што ти ја сакаат да го прикажат. Нека оди министерот, тоа му е работа, прашањето е зошто не беше до сега и што може да се очекува таа средба. Јас повторно ќе кажам, ништо не очекувам, затоа што сè е изговор, овие луѓе не сакаат во Европа“, вели Филипче.
Лидерот на СДСМ повеќепати досега апелираше власта што побрзо да ги спроведе Уставните измени, за Македонија да не ја загуби повторно шансата за старт на преговорите и да успее да им се приклучи на Црна Гора и Албанија на патот кон полноправно членство до 2030-та.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
