Филков: Транспарентноста во изборот и дисциплинската одговорност предуслов за ефикасен судски систем

Развојот на квалитетни и транспарентни механизми за избор, унапредување и дисциплинска одговорност е меѓу најважните предуслови за ефикасен судски систем кој работи во служба на граѓаните - истакна министерот за правда Игор Филков на 18. сесија на работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во рамки на Националната конвенција за ЕУ.
Според министерот, непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото.
- Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите - нагласи Филков.
Тој посочи дека Владата и Министерството за правда имаат јасен приоритет – обезбедување целосна независност и зголемување на ефикасноста на правосудството.
- Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – правосудство кое е транспарентно, професионално и непристрасно. Со овие законски решенија го зацврстуваме владеењето на правото и ја враќаме довербата на граѓаните во правосудните институции - рече Филков.
На сесијата се обрати и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезовски, која нагласи дека непристрасноста и интегритетот при донесувањето на одлуки на судиите и јавните обвинители се суштински за заштита на владеењето на правото.
-Тоа подразбира обезбедување соодветни обуки и финансии - рече Трајкоска Стрезовски.
Заменик-претседателката на Советот на јавни обвинители, Маријана Илиеска, истакна дека државата презема чекори за реформирање на Советот, особено во делот на изборот на јавни обвинители, со цел исполнување на европските стандарди.
Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска Анастасовска, додаде дека новиот Закон за Судскиот совет нуди рамка за подобрување на процесите.
- Независноста на судството не е само привилегија на судиите, туку и право на граѓаните - потенцираше таа.
Дискусијата ќе биде насочена кон тековните реформски процеси во правосудството, а посебен фокус ќе биде ставен на законските решенија од перспектива на изборните и дисциплинските механизми, како и на нивниот институционален капацитет да воспостават одржлив и функционален баланс меѓу независноста и отчетноста на правосудните органи. Исто така, ќе се разгледа и степенот на нивната усогласеност со релевантните европски стандарди и препораки.
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
МИА
Ново на Сител
-

Повластени тарифи за 60 производи
-

Преглед на вестите од светот
-

Работниците денеска го блокираат Сојузот на стопански комори
-

Кој се ќе биде опфатен со владината реконструкција?
-

Саит Саитов приведен во Србија, се чека негова екстрадиција
-

Мицкоски: Запленетата дрога ќе надмине 100 тони, дел од вмешаните веќе се приведени
-

Садула Изари ја презема функцијата член на Судски совет
-

Законот за високо образование може да претрпи измени
