Бислимоски поднесе оставка
Марко Бислимовски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Утринава испратил писмо до Собранието, без да напише зошто решил да се повлече од позицијата што ја извршува речиси 8 години.
Бислимовски беше недостапен на нашите телефонски повици, а детали за причините за оставката не споделуваат ниту од комисијата.
- Согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика – соопштија од Регулаторната комисија.
Според законот, Владата, во рок од 60 дена од донесувањето на одлука за престанок на функцијата, му доставува предлог на Собранието за именување на нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Оставката доаѓа откако пред две недели Финаниската полиција поднесе кривична пријава против Бислимовски. Го сомничат дека ја злоупотребил функцијата и спречил навремено да и биде одземена лиценцата на компанија за трговија со нафта на Љупчо Пецов Ѓаволот, иако фирмата не ги исполнувала условите за работа. Наместо да остане без дозвола, Тритерол Петрол продолжила да работи уште повеќе од една година, да склучува договори и да остварува приходи, а според пријавата, на тој начин била стекната незаконска добивка од нешто над 200 илјади евра.
Бислимоски тогаш ги отфрли обвинувањата и рече дека ќе соработува со институциите за да докаже дека немало прекршување на законот.
Ова беше втор мандат на Бислимовски и требаше да заврши во јуни 2028-ма година.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
