„Гардијан“: ЕУ се обидува да покаже дека Западен Балкан не е запоставен на патот кон ЕУ

Украина и Молдавија добија статус на кандидат за членство во Европската Унија по руската инвазија на Украина во 2022 година, но Брисел сега се обидува да покаже дека Западен Балкан не е ставен во „бавната лента“ на европската интеграција, објави денеска „Гардијан“ по повод самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват.
Британскиот дневен весник наведува дека Црна Гора најмногу напредувала во процесот на пристапување и оти Подгорица се надева дека ќе стане 28-ма членка на ЕУ до 2028 година, што ги поттикна сегашните членки да размислат за воведување заштитни мерки за идните членки, како што е одземање на правото на вето неколку години, за да се спречи повторување на искуството на прорускиот поранешен унгарски премиер Виктор Орбан, кој постојано ги блокираше одлуките на ЕУ.
„Гардијан“ истакнува дека според Брисел следна земја која би пристапила во ЕУ е Албанија и покрај сомнежите на земјите-членки во нејзиниот напредок во борбата против организираниот криминал.
Во исто време, надежите на Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се оптоварени со внатрешни и надворешни политички спорови, додека на Србија се гледа како на оддалечување од ЕУ под водство на автократскиот претседател Александар Вучиќ, посочува британскиот весник.
– Регионот повеќе не е периферно прашање за ЕУ, туку стратешки приоритет. Самата војна во Украина фундаментално го промени разбирањето за тоа што треба да биде европското проширување и за што служи. Традиционалната логика на проширувањето на ЕУ беше усогласете се со вредностите и принципите на ЕУ и на крајот ќе станете членка, но статусот на кандидат доделен на Украина во 2022 година, за само четири месеци, покажа вистинска геополитичка итност каква што не сме виделе досега, изјави за „Гардијан“ истражувачот во Бриселскиот институт за геополитика, Фарук Башиќ.
Весникот посочува и дека лидерите на ЕУ се поделени околу тоа кога и како Украина треба да стане членка. Според неименуван дипломат германските предлози за придружно членство се замена за членството на Украина во ЕУ, што би ја направило таа цел „скоро невозможна“ за постигнување.
– Тоа ќе ја намали подготвеноста за движење напред и изнаоѓање решенија, истакна неименуваниот дипломат.
„Гардијан“ наведува дека начинот на кој се третира Украина најверојатно ќе влијае и на земјите од Западен Балкан.
МИА
Ново на Сител
-

Во струмичкиот затвор осудени лица добиваат можност да го завршат средното образование
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ
-

Сомнежи за труење во ООУ „Невена Георгиева – Дуња”, 20-тина деца и наставник побарале лекарска помош
-

Од утре Владата очекува поевтин дизел за 6,5 денари и бензин за 1,5 денар по литар
-

СДСМ: Народот секој ден живее полошо, а мерки од Владата нема
-

Филипче: Преговорите за ЕУ зависат само од власта
-

Николоски: Првите километри од автопатот Прилеп-Битола готови следната пролет, за еден месец меѓуградски воз помеѓу двата града
