Преглед на вестите од светот
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан испрати официјално писмо со оставка до канцеларијата на врховниот лидер на Иран Моџтаба Хамнеи, во кое се наведува дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда ја презел целосната контрола врз управувањето со земјата, објави Иран Интернешнл, повикувајќи се на ирански разузнавачки службеник.
Претседателот на Иран, со писмо го предупредил Хамнеи со невиден и критички тон дека структурата на управување на земјата во пракса отстапила од официјалните патишта и дека поголемиот дел од владата се под целосна контрола на одредена група команданти на Корпусот на Исламската револуционерна. Според изворот, претседателот и владата се исклучени од главниот и витален процес на донесување одлуки во земјата, а вакуумот создаден од оваа ситуација им отворил пат на екстремистичките струи во ИРГК да ја преземат контролата.
Медиумите објавија дека Иранската Гарда постепено ги ограничила многу од овластувањата на претседателството и ефикасно ја презела контролата врз клучните делови од владата, а на 28 април имало сериозни несогласувања меѓу Пезешкијан и Ахмад Вахиди, командантот на ИРГК, за кој се вели дека е моментално личност број еден во претседателството. Според овој извештај, Вахиди експлицитно изјавил дека, поради критичните услови на војна, сите клучни и чувствителни лидерски позиции треба директно да бидат избрани и управувани од ИРГК, до понатамошно известување.
Американската војска пренасочи 118 комерцијални бродови и онеспособи уште пет за време на блокадата на САД против Иран, соопшти Централната команда на САД.
Исто така во неделата, Корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека 28 бродови, вклучувајќи танкери за нафта, контејнерски бродови и комерцијални бродови, поминале низ Ормутскиот теснец во последните 24 часа откако добиле дозвола и добиле заштита од својата морнарица.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси, во неделата нагласи дека нападите врз нуклеарните постројки се неприфатливи и мора да престанат за да се избегне „многу реалниот ризик од нуклеарна несреќа“. Генералниот директор го опиша нападот во саботата како „сериозен инцидент“ што ги загрози клучните принципи на нуклеарна безбедност. Тим на МААЕ ја прегледал нуклеарната централа Запорожје по нападот од дрон. Тимот забележал оштетување на металниот отвор за пристап на надворешноста на зградата на турбината, како и остатоци и изгорени фрагменти од оптички влакна расфрлани на земјата.
Нуклераната централа Запорожје е една од најголемите нуклеарни постројки во Европа, и е под руска контрола од март 2022 година.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
