Германија со нови олеснети мерки за работници од Западен Балкан
Се олеснува влезот на работна сила во Германија. Бундестагот го усвои законот за работни визи – се бараат 400 илјади, а добредојдени се лицата од Балканот. На овој начин се очекува Германија да се справи со недостигот на квалификувана работна сила. Сепак, законот ќе функционира само ако се намалат бирократските пречки.
,,Недостигот на квалификувани работници е проценет како еден од најголемите успорувачи на растот на германската економија. Затоа, неопходни ни се имигранти. Потребни ни се скоро 400,000. Но, мора да се намалат бирократските процедури. Недозволиво е да треба да пополнувате 17 различни апликации за да доведете нов негувател во земјава'' - изјави Ненси Фејзер, министер за внатрешни работни во Германија.
Новиот закон се базира на системот на поени, со кој ќе им се овозможи на странците да побараат работа ако имаат најмалку 6 поени од бараните критериуми. Меѓу нив се познавање на јазикот, универзитетска диплома или стручност. На високо квалификуваните ќе им се дозволи покрај брачниот партнер да ги донесат и роднините –се додека можат да ги издржуваат. Кандидатите кои ги имаат потребните бодови ќе добијат таканаречена картичка на можности, која нуди можност за привремена работа па дури и за пробно вработување.
Треба ли земјават да стравува дека голем дел од работниците ќе ги спакуваат куферите? Дел од експерите велат – веќе се соочуваме со недостиг на кадар, а со отворање на вратите во Германија, проблемот ќе стане уште поголем. Дел пак, сметаат дека ефектите од германскиот закон ќе се почувствуваат дури следната година.
За да се задржат работниците, велат дека прво треба да им се зголемат платите, но условите зa работа во компаниите. Во спротивно, бранот иселување ќе продолжи.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
