Македонија
26. January 2026 - 21:04

Ѓорѓиевски најавува паметен зелен бран за да се намалат гужвите низ Скопје

Наместо застарен зелен бран, првиот човек на Град Скопје најавува воведување на нов, паметен.

Ѓорѓиевски претстави нов модерен систем кој автоматски ќе ги лоцира гужвите во скопската метропола. Особено корисен ќе биде во попладневните часови кога сите од работните места се враќаат дома, по што системот активира зелено светло на главните булевари, за возилата побрзо да се движат. По попадневниот состанок со Тошковски и сообраќајни експерти, најави дека оваа суштинска реформа ќе ја подигне безбедноста на градот на повисоко ниво. 

„Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран - модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје. Во наредниот период, Советот на град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје.  Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните“, стои во објавата на Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Во меѓувреме се прават и последните подготовки пред Сејф сити да профукционира од следниот месец. МВР денеска објави и кој за колку ќе го олесни новчаникот, доколку камерата го улови дека прави прекршок. 

Возачот што ќе вози над 50 км на час побрзо од дозволеното во населено место ќе плати казна од 300 евра, и во зависност од прекршокот нема да може да вози автомобил од 3 месеци до една година. Слични се казните за пречекорување на брзина и надвор од населено место.

Ако поминете на црвено, ќе си платите казна од 250 евра.

Ако непрописно паркирате и застанувате, во зависност од местото и тежината каде го правите прекршокот ќе си платите казна од 25, 40, 150 или 180 евра. 

Најмногу пари ќе платите, 500 евра доколку управувате возило кое не е регистрирано. 

И додека МВР ги подготвува возачите за сообраќајните новитети, Сител провери колку пешаците ги почитуваат новиот Закон со кој не смеат да користат телефон и слушалки додека минат на улица. 

Од крајот на септември заклучно со вчера, само на територијата на Скопје полицајците предупредиле 152 пешаци да го почитуваат законот, а напишале 34 санкции. 

За споредба, од почетокот на годината заклучно со вчера, дури 132 возачи биле фатени и казнети дека користеле мобилен телефон додека управуваат возило.