Македонија
28. October 2026 - 12:57

Ѓорѓиевски: Околу 30.000 граѓани покажаа дека Скопје се сака со дела

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски соопшти дека денеска околу 30.000 граѓани учествувале во најмасовната еко-акција за Скопје.

- Денес повторно, околу 30.000 причини да веруваме во силата на овој град! Денес, во најмасовната еко-акција за нашето Скопје, видовме што може да направи љубовта кон својот град кога ќе стане дело. Луѓе кои одвоија од своето време, ги засукаа ракавите и вложија труд за сите нас. За својата улица. За соседите. За децата. За нашиот заеднички дом - напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој посочи дека верува во „Скопје што се обединува, презема одговорност и со сопствени раце го менува своето секојдневие“.

-Заедно со моите колеги градоначалници, кои ја предводеа акцијата во своите општини, со младите, волонтерите и илјадниците сограѓани, продолживме да го расчистуваме градот. Денес ни се придружија и угостителите, давајќи свој придонес во оваа голема заедничка борба за почисто и поубаво Скопје - наведува Ѓорѓиевски.

Тој им се заблагодари на учесниците во акцијата.

-На секој од вас ви благодарам од срце! Горд сум на вашата посветеност, на вашата совест и на примерот што денес го оставивте! Нашите деца заслужуваат да растат покрај зеленило и во чиста околина, а од нас да научат како се чува тоа што им припаѓа на сите - истакна Ѓорѓиевски.

Во објавата, скопскиот градоначалник упати порака и до несовесните граѓани.

-До оние што и понатаму несовесно фрлаат отпад им порачувам: почитувајте ги овие луѓе! Почитувајте го нивното време, нивниот труд и нивниот град, кој е и ваш! Секое катче што денес го исчистивме носи нечиј вложен напор. Никој нема право утре повторно да го претвори во депонија - наведе тој.

Ѓорѓиевски најави дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина.

-Оваа енергија има сила да создаде трајна промена. Затоа продолжуваме со вакви акции двапати месечно, решени грижата за Скопје да стане наша секојдневна навика - истакна тој.

Тој упати и апел до граѓаните да го зачуваат сработеното.

-Да почнеме од својот праг, од улицата по која минуваме, од паркот во кој играат нашите деца. Одговорноста за почист град ја покажуваме со секоја наша постапка, а за секој што намерно го загадува Скопје – нема да има толеранција! - порача Ѓорѓиевски.
На крајот од објавата, скопскиот градоначалник нагласува дека денес „околу 30.000 луѓе оставија пример што заслужува да го следи цело Скопје“.

-Ви се поклонувам за трудот и за големото срце! Да оставиме пример, не ѓубре. Скопје се сака со дела! Се гледаме на следната акција! - напиша Ѓорѓиевски. фф/са/

МИА