Го оштетиле буџетот за 2,2 милијарди денари, поднесени обвиненија за „Онкологија“
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата и до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица.
Првиот обвинет, во својство на службено лице – медицински директор и вториот обвинет, во својство на организациски директор на Клиниката се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.
Кривичното дело Злоупотреба на службената положба обвинетите го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки.
Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.
Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршилe повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изврши незаконита исплата.
На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари.
Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки.
Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.
Обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор извршил и кривично дело – Проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требована количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.
Ова е констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха.
Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека – Херцептин, Авастин, Ербитукс, Фулвестрант, Тразимера, Кадцајла, Оксалиплатин од 50 и 100 милиграми и Зелбораф со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.
Првиот обвинет е исто така поранешниот директор на Клиниката, кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени – Тешки дела против здравјето на луѓето и Несовесно лекување болни.
Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело Несовесно лекување болни и тоа сторено како продолжено дело, како повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите.
Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.
Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – Несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.
Ново на Сител
-
Трипуновски: Се ажурира базата на податоци на педолошката карта за засејување земјоделски култури
-
Ништо ново за патот на Македонија кон ЕУ нема да донесе посетата на Калас во Скопје
-
Тема на денот со Цветан Трипуновски, министер за земјоделство
-
Екс директорот на Онкологија Нино Васев обвинет за сериозни кривични дела
-
За пожарот во Кочани досега сослушани 300 сведоци
-
13 лица осомничени за незаконско издавање дозволи за привремен престој на странци
-
Славески ќе се избира за гувернер на 3 јуни
-
Потпишан договорот за стратешко партнерство