Голема акција на финансиската полиција: Уапсени 7 лица, едно е во бегство
Голема акција на Финансиската полиција – извршени се претреси на повеќе локации во Куманово, Липково и Желино. Целта е, како што велат од финансова, разоткривање на криминална група која дејстувала подолго време. Уапсени се повеќе лица, а едно е во бегство. Се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Направена е штета на државниот буџет од 7 милиони евра.
„По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ “Тигар”од слобода се лишени 7 лица и истите се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот“, велат од финансиската полиција.
Оттаму појаснуваат дека се работи за сложена предистрага која траела две години. Неофицијално, се работи за фирми кои се занимаваат со набавка и продажба на нафтени деривати.
Во меѓувреме, следното рочиште за злоупотреби со набавка на адитив за термоелектраните Битола и Осломеј ќе се одржи на 2 септември. Во овој случај, прв на листата од 31 обвинет е ексдиректор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство. Со обвинението, опфатени се и пет фирми. Сите заедно се гонат дека го оштетиле државниот буџет за 6,5 милиони евра. Иако никој не призна вина, обвинителството тврди оти поседува докази дека местеле тендери за набавка на адитив за јаглен, кој бил плаќан неколкупати посакапо од пазарната вредност. Разликата, според обвинителството, завршувала во џебовите на лицата на кои им се суди. Со истото обвинение е опфатена и поранешната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска, која се товари за за оддавање службена тајна.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар