Македонија
31. March 2022 - 16:36

Голема акција на полицијата во Штип

По претходна интернационалана размена на информации, вчера МВР во соработка со СВР –Штип, пресече меѓународен транспорт на марихуана, во вредност од над половина милион евра. Дрогата во количина од околу 150 килограми, требало од Косово, преку Македонија да пристигне во Турција, како крајна дестинација. Во попладневните часови пред угостителски објект бил забележан автомобил „ауди А6“ со кумановски таблички.

- До возилото биле пријавените, 50 годишниот И.Д., 39 годишниот К.К., двајцата од Подуево, Р. Косово и 34 годишниот Б.Р.  од Куманово. И.Д. и К.К. се обиделе да избегаат, но биле фатени и систе тројца се лишени од слобода, изјави Сузана Праниќ Талевска, портпарол на МВР.

При извршениот претрес на возилото, биле пронајдени 92 полиетиленски пакувања со марихуана. 

- Спакувани, дел во патни торби, дел во багажниот простор на возилото, во делот за резервната гума и на задните седишта, а кај приведените лица се пронајдени и повеќе мобилни телефони, СИМ картички од мобилни оператори од Косово и РСМ и пари, кои се предадени на вештачење, додаде Талевска.

Против приведените СВР Штип ќе поднесе кривична пријава, а се трага по едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе марихуаната. Завчера, МВР исто така спроведе опсежна акција на територијата на Кавадарци и Неготино. Извршени се претреси на 8 локации, пронајдени се 6 килограми марихуана вредна над 15 000 евра и лишени од слобода се 12 лица кои се занимавале со продажба на наркотички дроги.