Големата кашлица не ги одминува и целосно вакцинираните
Осмоодделенец со сите примени вакцини од задолжителниот календар е новорегистрираниот случај со голема кашлица во Скопје. Од Центарот за јавно здравје велат дека е со полесна клиничка слика и е изолиран во домашни услови. Со пертусис на болничко лекување има двајца возрасни на Инфективна, но како ја добиле заразата и во каква состојба се, два дена не можеме да добиеме никаква информација од установата. Осум хоспитализирани има и во Козле, најголем број се бебиња и се стабилни, велат лекарите. Иако пертусис се шири кај невакцинираните, не ги одминува и оние кои се заштитени од опасните заразни заболувања.
-Треба да очекуваме бројки штом е толку многу раширена. Секако имаме уште заразени кои се во период на инкубација и во следните 10 до 14 дена ќе имаме уште случаи. Во Црна Гора околу 90 проценти од заболените имаат поминато повеќе од пет години од последната доза – што значи дека се потврдува нашата теза, иако се прават студии на таа тема дека после пет години опаѓаат антителата и треба да се обноват, вели д-р, Сашко Олумчев, епидемиолог – Гевгелија.
Епидемиолозите укажуваат дека фокусот треба да биде на невакцинираните и оние делумно имунизираните кои можат да развијат тешка клиничка слика на болеста. Затоа и една од препораките на Институтот за јавно здравје е матичните да го проверуваат вакциналниот статус на децата до 14 години и да ги упатуваат на вакцинација тие што ги немаат потребните дози.
Препораки
Со цел да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи понатамошно ширење на заболувањето потребно е:
- Да се зголеми опфатот со примарната вакцинација со вакцина која ја содржи компонентата против голема кашлица со цел да се достигне препорачаниот од СЗО опфат од 95%, како на регионално и локално, така и на национално ниво.
- Изолација на заболените во здравствените институции или во домашни услови, особено ако во семејството има доенчиња, мали деца и невакцинирани лица, најмалку 5 дена од отпочнување со антибиотска терапија. Истото важи и за сомнителните болни/контакти на заболените лица доколку примаат хемиопрофилакса.
-Сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација;
А големата кашлица ги исплаши родителите па сите кои досега пролонгирале ги носеа децата во пунктовите за имунизација. Веќе една недела тимовите работат во две смени а дежураат и во сабота.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар