Македонија
18. August 2020 - 22:12

Големи последици од невремето во прилепско

Големо невреме проследено со силен ветар, град и дожд, кое траело од 15-тина минути вчера доцна попладнево го погоди атарот на прилепското село Канатларци. Според земјоделците погодени биле 50% од вкупните површини кои тие ги засадуваат. Најмногу штета имало кај тутунот, пиперките и бостанот.

„Овде на оваа парцела ако имаше 30 или 40 тони на пиперки сега ќе има само 10 тони. Ова што сега требаше да се бери се првите пиперки, сега нема ништо да остани, овие што се удрени од градот пиперки ќе скапат за неколку дена. Втора берба нема ниту да има, бидејќи нема цвет, се е попаднато на земја“, вели Куч Бајрам, земјоделец од с. Канатларци.

„Околу 50 декари тутун имам насадено, најквалитетниот тутун ми остана и сега тој е погоден од град. Пример сега кога ќе го носам во откупните фирми наместо ако требало да ми дадат оценка за класа 2 сега ќе ми речат дека ова е класа 3“, додаде Беџет Исламоски, земјоделец од село Канатларци.

За жал иако државата веќе со години наназад покрива 60% од полисата за осигурување само околу 20% од земјоделците го осигуруваат родот, останатите немаат навика.

„Трета година по ред го осигурувам тутунот, сум благодарен, лани од невремето кога не зафати 90% ни прифатија, ова година како производител ценам дека 70 до 80 проценти е оштетено“, потенцираше Беџет Исламоски, земјоделец од село Канатларци.

Некои пак се надевале на новиот систем за заштита од град преку авионско засејување на облаците, но иако вчера поминал тука авионот за заштита тутунарите велат дека тој задоцнил.

„Се виде дека е 100 проценти град. Зошто предавателот пред време не го викна авионот, после дојде авионот кога веќе започна невремето, кога веќе врнеше град“, изјави Амза Текешаноски, земјоделец од село Канатларци.

Жителите на Канатларци денеска ќе ги пријават штетите во Општина Прилеп и осигурителните комопании и ќе бараат обештетување.