Македонија
17. May 2026 - 16:33

Горивата остануваат најевтини во регионот, опозицијата предупредува на „финансиски крах“

Со продолжувањето на владините мерки за цените на горивата, на македонските бензински пумпи и натаму ќе се точи најевтиното гориво во регионот. По вонредната седница на Владата, премиерот Мицкоски оцени дека државата успешно се справува со историски најголемата енергетска кризa.

„Како држава не само што успеваме да обезбедиме најниска цена за горивата, туку и практично да им ја понудиме на соседните земји, бидејќи голем дел од нивните граѓани од север, запад и југ доаѓаат кај нас да точат гориво“, изјави Мицкоски.

Паралелно, во тек се интензивни консултации меѓу Министерството за финансии и ресорите за кроење на новиот ребаланс на буџетот. Премиерот признава дека времињата се тешки и дека земјава годинава мора да врати стари долгови сосе камати тешки околу 3 милијарди евра.

Сепак, тој вели дека ќе има пари за плати, пензии и социјални трансфери, без да се запрат развојните проекти. Досега од централниот буџет биле инвестирани околу 230 милиони евра за капитални инвестиции.

Мицкоски негираше дека ликвидноста на државната каса е доведена во прашање и ја обвини опозицијата за ширење лажни тези.

„Прво ја ограбија државата, ја оставија ограбена со празна каса, уништена, девастирана и сега после две години откако конечно ја консолидиравме, почнавме сериозно да ги враќаме долговите што тие ги ограбија, па го пренесоа во странски држави, сега од минатата година слушам ќе сме банкротирале 2025-та, помина 2025-та, сега ќе сме банкротирале 2026. Едно е точно дека ја ограбија државата и ја оставија со празна каса и со долгови“, кажа премиерот.

Поинаква слика за домашната економија гледа лидерот на СДСМ. Филипче оцени дека состојбата со буџетот е загрижувачка и нема пари ни за повисоки плати, ни за антикризни мерки. За да се пополни, како што рече, огромната дупка, власта побарала ново задолжување од 300 милиони евра.

„За прв пат државата не добива толку пари колку што побарала од банките. Побарале 300 милиони евра, а добиле само 260. Страшно голема каматна стапка, многу блиска на домашните наши банки, 4,57%, и пари коишто не ги обезбедува една финансиска институција, туку конзорциум, групација на повеќе финансиски институции. Нема поголем индикатор дека кредитниот рејтинг на земјава е нарушен и дека и банките повеќе не веруваат на оваа држава. Се тоа укажува дека оваа власт катастрофално ја води државата и нас ни претстои финансиски крах“, рече Филипче.

Инаку, ребалансот на буџетот се подготвува во услови на зголемена глобална економска неизвесност и стравувања од нов енергетски притисок поради кризата на Блискиот Исток.

Минатата недела Народната банка ја ревидираше проекцијата за инфлација на 4 отсто, наместо претходно очекуваните 2,5 проценти. Прогнозиран е и послаб економски раст — 3,5 наместо 4 проценти, како и продлабочување на трговскиот дефицит поради намалените дознаки од странство, трошоците за изградба на патиштата и поскапите енергенси.

Овие бројки се темeлат на оптимистичко сценарио дека војната ќе заврши брзо и нафтата до крајот на годинава ќе се продава по 80 долари за барел.