Гостин за моментот на избувнување на пожарот во „Пулс“: Не го забележавме, кажаа од бендот, пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад

Сведок кој кобната вечер бил гостин во дискотеката „Пулс" во Кочани, за првпат во судницата во Идризово објасни од лично искуство што се случувало во дискотеката во моментот кога избувнал пожарот - настанало стампедо и се чувствувал мирис на чад, а на скалите пред излезот од притисокот еден пред него паднал, по што сите се струполиле, и следно што се сеќава е како лежел со приклештени нозе и бара помош.
Сведокот Иван Данаилов, кој вечерта на 16 март 2025 година бил на роденден во дискотеката „Пулс", рече дека често ја посетувал, посочувајќи дека има 25 години, а првпат влегол на 16 години, како малолетник.
На прашање од Обвинителството, дали во дискотеката имало и други малолетници, сведокот рече дека често не бил единствен малолетник, појаснувајќи дека, низ годините наназад, како и на кобната вечер гледал малолетници во дискотеката.
Критичната вечер, сведокот рече дека купил карта на врата од обезбедувањето, а на прашање од обвинителот како знаел дека се обезбедување, рече дека ги знаеле зашто секогаш биле присутни и ангажирани во дискотеката.
- Не сум забележал некаква значка, туку само на некои од нивните јакни пишувало „секјурити", рече сведокот.
Сведокот, опишувајќи ја внатрешноста на дискотеката, рече дека знаел дека има и втора врата, но дека никогаш не видел како се користи, ниту дека забележал ознаки за излез.
Вечерта, како што рече, се си течело нормално, иако дискотеката била полна и движењето меѓу масите било отежнато. Рече дека бил свртен со грб кон бината и не го видел моментот на пожарот, но и дека претходно гледал настапи и шоу со оган во дискотеката.
- Пожарот настана во 02:33 часот. Најпрво не го забележавме, зошто беше директно над нашите глави. Потоа од бендот кажаа дека настанал пожар и побараа помош од сопственикот да донесе ПП апарат и го стопираа настапот. На излегување се разминав со Михајло, кој носеше ПП апарат, а мислам дека некој веќе од бината го гаснеше со ПП апарат. Пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад. До скалите успеав да останам на нозе, се додека еден пред мене се сопна и сите се струполивме, рече сведокот.
Следно што се сеќава, сведокот рече дека е лежи доле, но не може да стане бидејќи нозете му беа приклештени од други луѓе.
- Во тој момент го видов Столе од обезбедувањето, му побарав помош, ми подаде река и успеа да ме извлече. Јавно му се заблагодарувам за тоа, рече сведокот.
Кога излегол надвор, почнал да ги бара другарите, го земал автомобилот од каде купил неколу пакети вода и ги делел на повредените што излегувале. Тоа го направил неколку пати, по што полицијата го затворила пристапот до местото.
На вкрстено прашање од адвокатката на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, дека не видел да се користи втората врата, сведокот појасни дека кога влегувала полициска контрола се случувало полицајци да застанат до неа и ја обезбедуваат за некој да не излезе.
- Не сум видел некој да ја користи, но не сум сигурен дали била во функција, изјави Данаилов.
На вкрстено прашање на одбраната на директорот на „Рубикон", Јане Јанчевски, дека и како малолетник успевал да влезе во дискотеката, сведокот појасни дека никогаш не влегувал скришно, туку поминувал покрај обезбедувањето, но не му била побарана лична карта.
- Како малолетник никогаш не сум бил идентификуван во дискотеката при полициска контрола, ниту сум забележал дека контролираат малолетни, рече сведокот.
Прашан од бранителот на обезбедувањето Стојанче Димитриев, кои го посочи дека му помогнал да стане, дали помагал и на други повредени, Данаилов кажа дека не видел дали помага и на други, бидејќи си заминал, а тој останал таму.
Ова е прво рочиште годинава, откако претходното беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.
На последното рочиште во декември, семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“, со солзи, длабоки воздишки и болни лелеци, ги слушаа сведочењата на мајките чијшто глас беше скршен од тагата. Обвинетите молчеа, со наведнати глави, додека сведоците, низ солзи полни со празнина и неизмерна болка, порачаа дека по 16 март нивниот живот засекогаш се променил.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
МИА
Ново на Сител
-

Возач со 1,81 промили алкохол приведен во Неготино
-

Трамп: Бајден дозволи во САД да влезат десетина милиони илегални криминалци
-

Македонските превозници го блокираа „Ќафасан“ за товарни возила, патничкиот сообраќај се одвива непречено
-

Кремљ: Преговорите за Украина сè уште се во рана фаза
-

Двајца малолетници од Радовиш запалиле паркиран автобус
-

Гостин за моментот на избувнување на пожарот во „Пулс“: Не го забележавме, кажаа од бендот, пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад
-

Четворица кандидати досега се пријавиле на огласот за државен јавен обвинител, рокот истекува на полноќ
-

Поскапуваат дизел горивата, цените на бензините не се менуваат
