Превозниците бараат поврат на дел од акцизата за дизел
Поскапувањето на дизелот за 14,5 денари енормно им ги зголеми трошоците на транспортерите. Од „Макам транс“ велат дека досега пред да тргнат на пат, гориво точеле дома за да заштедат, но со повиоските цени и таа предност се губи. Токму затоа испратиле допис до Владата и министерствата за транспорт и финансии, да ја разгледаат можноста да се враќа дел од акцизата за комерцијален превоз.
- На овој начин, без разлика која сума ќе ни се враќа, фактот дека и во нашата држава ќе постои можност за враќање на акциза, ни дава за право да бараме поврат на акциза и во другите држави. Еве на пример, Германија не враќа ДДВ, ама враќа акциза. Што значи дека за да го оствариме правото на реципроцитет треба тоа и кај нас да се направи – изјави Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Муратовска вели дека со ова ќе им се помогне не само на транспортерите, туку и на економијата. Помал трошок за гориво ќе спречи драстично поскапување на производите во маркетите.
- Цената на превозот двапати влијае на вредноста на производите. Еднаш кога ги превезуваме како репроматеријали, па се произведуваат готови производи. И вториот пат е кога ќе ги пренесеме готовите производи до крајните потрошувачи – објаснува таа.
Од литар продаден дизел, државата добива 15,5 денари за акциза. Ако на превозниците им врати, на пример, 5 денари од акцизата, камион што точи 1.000 литри би заштедил 5.000–денари по тура.
Во многу земји од Европската Унија постои посебен систем наречен „професионален дизел“, со кој транспортните компании може да добијат назад дел од акцизата што ја плаќаат при точење гориво.
Сепак, Македонија е сè уште најевтина. Европските превозници дури и кога ќе го добијат повратот, плаќаат повеќе за секој литар гориво, отколку што се плаќа кај нас. На пример, Италија има полна акциза од над 40 денари. Повратот таму е нешто над 13 денари, па нето-акцизата изнесува 28 денари.
Инаку цената на нафтата на светските берзи денеска достигна 102 долари за барел.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
