Градот на солидарноста ги мами погледите на странските туристи

Во последните години Македонија полека, но сигурно станува позната туристичка дестинација, место кое е интересно за странските туристи особено поради богатото културно наследство и природните убавини. Во прилог на ова одат и бројките.
Последните статистички податоци за јуни покажуваат дека значително е поголем бројот на странски туристи отколку на домашни.
-Во јуни 2026 година, од вкупниот број туристи, 22,8 проценти се домашни, а 77,2 проценти се странски. Бројот на ноќевањата во јуни 2026 година изнесува 221 608, од кои 29.2 отсто се од домашните туристи, а 70.8 отсто од странските туристи, објави Државниот завод за статистика.
Од Асоцијацијата на туристички водичи велат дека нашата земја станувa многу атрактивна за странските гости, а најпосетувани се Скопје, Охрид, Битола, Струга, Вевчани.
-Во последните 15 години нашата земја стана многу атрактивна за странските гости поради богатото културно наследство и природните убавини. Најпосетувани места во нашиот град се Старата скопска чаршија со сите свои знаменитости, плоштадот Македонија, Милениумскиот крст и секако кањонот Матка. Исто така, треба да се напомене дека Охрид, Битола, Струга, Тетово, Вевчани, Кратово имаат пораст на посетители, велат од Асоцијацијата на туристички водичи.
Скопје е првата дестинација за странските туристи. Од плоштадот Македонија, преку објектите кои се дел од проектот Скопје 2014 година, до Старата Скопска Чаршија, Скопското кале, Дебар Маало, кањонот Матка, Пантелејмон, Македонско етно село, Водно.
Странските туристи може да се забележат на секој чекор. На кејот на Вардар каде уживаат во гастрономските искуства што ги нудат рестораните што се протегаат по самиот кеј и кои особено се богати и разнолики со посетители кога се одржуваат меѓународни спортски или културни настани.
Погледи мамат и неколкуте мостови кои ги поврзуваат едниот и другиот дел на градот. Тука редовно застануваат фотографирајќи се со скулптурите на познати личности кои се дел од македонската историја.
-Странските туристи добро се запознаени со знаменитостите на градот што се должи пред се на објавите по социјалните мрежи од туристи кои веќе престојувале во земјава. Сакаат да ги посетат Старата Скопска чаршија, манастирот св. Пантелејмон, Македонското етно село, манастирите на Скопска Црна Гора, Матка... велат тристичките водичи кои заедно со тури странски туристи секојдневно може да се забележат низ улиците на градот.
Незаборавно искуство нуди и Старата скопска чаршија која плени со тесните улички и разновидни дуќани. Токму тука се сместени старите занаетчии кои му пркосат на времето. Тука може да се пробаат ќебапи на жар, тавче гравче, разни видови баклави и тулумби и кафе подготвено на песок.
Екипата на МИА додека правеше обиколка низ Чаршијата наиде на групи туристи кои љубопитно гледаа по богатите излози на дуќаните, а имаше и такви кои уживаа во утринското кафе на познатата уличка која изобилува со ведри бои на секој чекор. Тука ја најдовме и Берта Мусли, сопственичка на „УД“ мал coffe shop.
На само пет квадрати, Мусли успеала да развие сопствен бизнис и да нуди лепеза од кафиња и напитоци – од добро познатите еспресо, капучино, макијато до најновите трендови како што се мача, убе, lemon espresso и orange espresso.
Оваа девојка, со завршени два факултета (новинарство и криминалистика) се определила да развие сопствен бизнис за кој вели дека ја исполнува. Вели дека во Старата Чаршија има место за секој.
-Оваа уличка во Чаршијата нуди место за секој и за сечиј вкус. Ова е мал coffe shop, пет квадрати. Тоа е ново за Скопје бидејќи сме навикнати на поголеми простории. Мислам дека Чаршијата имаше потреба од вакво место и привлекува доволно туристи бидејќи тие веќе се навикнати на вакво нешто. Имаме повеќе од 54 артикли за сечиј вкус. Нудиме кафиња, трендот мача и уште поновото Убе. Имаме и домашна лимонада и различни млека како овесно, бадемово бидејќи луѓето почнуваат да внимаваат на глутенот и лактозата. Обично сакаат да пробаат lemon espresso и orange espresso. Тоа е сега тренд, вели харизматичната Мусли.
Чаршијата не би била чаршија без познатото кафе на песок кое се приготвува за околу три до пет минути. Вработените во една таква кафетерија велат дека туристите сакаат да го пробаат ова кафе кое чини околу 120 денари или две евра, а има и такви кои само застануваат да ги фотографираат ѓезвињата кои мамат со својата автентична убавина.
На самиот почеток на уличката не може, а да не се застане пред дуќанот кој плени со слатки – од баклави до традиционално подготвените мини тулумби. Тука може да се најдат баклави од 30 до 140 денари.
-Странците се заинтересирани за баклава, но најмногу ги сакаат тулубите бидејќи тие се нашето, македонско слатко. Сакаат да пробаат домашна баклава со ореви. Баклавите ги служиме со топка сладолед. Има баклави за сечиј вкус – со ореви, со фстак, комбинација од фстак и кајмак и со ореви и кајмак, велат оттаму.
А во нивна близина се наоѓаат и прочуените ќебапчилници од кои се шири ароматичниот мирис на тазе печени ќебапи.
Од една од најпознатите ќебапчилници велат дека има доста туристи особено последниве години. Најмногу се бара тавче гравче, суџук и порција ќебапи.
-Има туристи од Шпанија, Италија, Турција... Го бараат традиционалното тавче гравче кое го служиме во грниња и секако добро познатите ќебапи. Има и туристи кои откако еднаш ќе дојдат, повторно се враќаат, велат од ќебапчилницата.
Додаваат дека најголем дел од странските туристи кога доаѓаат веќе знаат што сакаат да пробаат.
-Кога доаѓаат, веќе знаат што сакаат да пробаат. Знаат кои се специјалитети кај нас. Знаат што е познато во Чаршијата – тавче гравче, ќебапи и бурек. Сега се има на социјалните мрежи, посочуваат од ќебапчилницата.
Дека социјалните мрежи станаа составен дел од туризмот потврдуваат и од Асоцијацијата на туристички водичи. Велат туристите доаѓаат подготвени и точно знаат што сакаат да видат.
-Добро се запознаени со знаменитостите што се должи пред се на базата на гости кои престојувале и постовите и искуствата што се споделуваат преку социјалните мрежи, велат од Асоцијацијата посочувајќи дека посебен интерес има за манастирот Св. Пантелејмон, Македонското етно село, манастирите на Скопска Црна Гора.....
Од Асоцијацијата на туристички водичи се задоволни со одѕивот на странски туристи, но имаат поднесено и безброј предлози до институциите со цел да се подобри туристичката слика на Скопје.
Предлагаат ревитализација на спомениците во центарот на градот и нивно поголемо осветлување, поставување на јавни тоалети, инфо центри, надминување на проблемот со кучињата скитници и хигиената во градот, како и формирање комунална полиција за одржување ред и чистота и туристичка инспекција за контрола на странски туристички водичи кои ја искривуваат историјата.
МИА
Ново на Сител
-

Едно лице измамено во Делчево, штипјанец набавил од него 2.580 тони сливи и не му платил
-

Премиерот Мицкоски најавува три нови инвестиции оваа есен
-

50-годишен тетовец ја тепал ќерка му и рекол дека ќе ги запали ако викнат полиција
-

Вардар во финалето против Охрид на ракометниот турнир Струга 2026
-

Мицкоски: За скопската вода опозицијата проба да создаде хистерија, за гостиварската Владата не е одговорна, напротив – таа помогна
-

Нетанјаху ја нарече Велика Британија „исламска република“, Лондон протестира
-

Автобус полн со српски туристи излетал од патот во Бугарија
-

Уапсен дилер на дрога од Бучим, при преглед на возило пронајдени 14.440 евра
