Македонија
7. July 2025 - 16:34

Граѓани пријавиле дека во здравството им било барано мито – Министерот Алиу ќе проверува дали е вистина

Мито, долго чекање за преглед, игнорирање од страна на здравствени работници се само дел од ситуациите за непрофесионално однесување во здравството кои ги пријавиле граѓаните на интернет страната на министерството. За 5 дена откако функционира алатката имало 40 –тина пријави за неправилности. Министерот Алиу не сакаше да открие за каква услуга и во која установа на пациенти им биле барани пари. Побара недела –две за да испитаат дали е вистина бидејќи дописот бил анонимен.

- Ако се докажува дека има елементи за понатамошно процесирање, има институции каде ние ќе ги пријавиме, до тука завршува нашата надлежност. Мислам дека во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиники или сервиси, бидејќи е прва фаза, и ние не сме сигурни дека тие информации се точни. Ќе ве замолам да почекате недела-две,  да оставиме нашите колеги да соберат информации, рече Азир Алиу, министер за здравство.

На алатката за пријавување неправилности во здравството граѓаните можат да приложат и слики и видеа. По добиените информации тимот од кабинетот на министерот прво ќе разговарал со директорот и посочениот здравствен работник, а потоа ќе одлучеле дали е точна пријавата и има ли простор за понатамошна постапка.