Граѓански протести против рестриктивните мерки, партиите со меѓусебни критики за состојбата
Најавените рестриктивни мерки ги поделија граѓаните. Едни подржуваат вакцинацијата да биде пропусница за во ресторан, концерт или друг настан други пак најавуваат протести. В недела ден пред да стапат на сила мерките според кои вакцината станува услов за многу работи на социјалните мрежи е закажан собир пред Собранието насловен “Стоп за одземање на слободата”. Вакви протести се најавуваат и во други градови.
Од министерството за здравство преку соопштение образложуваат дека сертификатот за вакцинација станува секојдневие во многу држави во светот пред се поради брзото ширење на Делта сојот.
-Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките кои ќе стапат на сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу по рестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот, соопштија од МЗ.
И власта и опозицијата со различни мислења за новите мерки.
-Новите рестриктивни мерки кои се најавени мора да стапат на сила пред состојбата дополнително да се влоши. Истовремено, сите граѓани треба да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките за лична заштита. Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Затоа и многу други држави ги применуваат.
Тие не го „делат народот“ како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, изјави Емилија Рамбабова, пратеничка на СДСМ.
-На праг на четвртиот бран наместо да понудат решенија, тие репресираат и на сила и заплашувачки, дискриминаторски се однесуваат кон граѓаните. За СДСМ има само вакцинирани, а за живи не ги сметаат оние кои имаат створено антитела преку прележување на корона вирусот.
Никој не е против вакцинирање, само мора да се излезе од насилната матрица на Владата на Зоран Заев, на Венко Филипче и оние кои што имаат стекнато имунитет преку прележување на болеста, да бидат исто третирани како и оние кои што се вакцинирани. Никој никому не смее да му оспори право на живеење и секојдневие ако има стекнато имунитет на едниот или другиот начин, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Инаку од идниот понеделник без примена најмалку една доза вакцина нема седење во угостителски објект ниту одење во кино или концерт.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
