Грчките власти предупредуваат на нов мигрантски бран како тој во 2015-та година
Бегалци и мигранти повторно ја полнат границата со Македонија, пишуваат грчките медиуми. Според нив северната гранична област на Грција гледа нов бран мигранти кој исто како и за време на мигрантската криза повторно се собира во селото Идомени кое се наоѓа на самата гранична линија.
Во извештаите се тврди дека бројката на мигранти рапидно расте, а полициското присуство речиси и да не било забележливо, освен по некоја патрола која повремено се појавува.
Биле забележани и неколку насилства и влегувања во куќи во близина на стариот камп поради што локалното население стравува од повторување на сликата од 2015 и 2016 кога во кампот имаше и по неколку илјади мигранти.
Од македонските погранични органи велат дека состојбата на јужната граница е стабилна. Потврдуваат дека во последниот период бележат одредено зголемување на обидите за илегален премин на границата, но тоа било вообичаено за овој период од годината бидејќи како се подобруваат временските услови така растат и обидите за транзит низ нашата држава, но тие навреме се откриваат, а мигрантите се одвраќаат од нивната намера. Последен таков случај бил регистриран во текот на вчерашниот ден кога биле одвратени околу 70 лица.
Според МВР во просек дневно се откриваат од 50 до 100 лица во обид за премин на границата. Најчесто се користат диви премини долж јужната граница, но имало и случаи кога мигрантите се кријат и во товарните вагони.
Од Министерството додаваат дека целата јужна граница е соодветно покриена и имаат доволно сили кои секојдневно работат на откривање и спречување на илегални преминувања.
Освен припадниците на министерството за внатрешни работи на јужната граница се присутни и припадниците на АРМ и полициски службеници од странските контингенти.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
