Македонија
11. January 2024 - 16:34

Грипот коси – над 1000 заболени за една недела и два смртни случаи

Славењата и гужвите за новогодишните и божиќни празници ја дуплираа бројката на заболени од грип. Вирусот го зема данокот и во периодот од 1 до 7 јануари има над 1000 болни и два смртни случаи.  Починатите се на возраст од 56 и 61 година, невакцинирани и со повеќе хронични дијагнози. Битката ја изгубиле додека биле хоспитализирани на Клиниката за Пулмологија.

-Пациентите беа примени во искучително тека состојба. Морам да кажам дека боледуваат од повеќе хронични заболувања, пред се, нарушување на кардио респираторниот систем. И самата инвекција со вирусот на грип доведе до влошување на нивната хронична болест и до смртен исход, вели проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.

И во последната недела од 2023 имаше два смртни случаи од грип кај пациенти со хронични заболувања, кои според лекарите се најризични и затоа мора да бидат заштитени од вирусот.

-Кај лица со хронични заболувања, најдобро е да бидат вакцинирани против грип за да се избегнат смртни случаи, вели Докиќ.

Од последните 1025 регистрирани случаи, една третина или околу 400 се кај деца до 14 годишна возраст, а најмногу заболени има во Скопје и Дебар.

Досега во сезоната на грип има 2318 случаи што е за 32 проценти повеќе од истиот период лани.