Остри реакции за предлогот улица во Тетово да го носи името на Фадил Сулејмани
Сојузот на борци од Тетово бара итно повлекување на предлогот една од градските улици да го носи името на Фадил Сулејмани, поради неговите поранешни јавни изјави во кои тврдел дека Македонците се Бугари, а Македонија е вештачка држава. Неговото име се најде на листата од 145 нови предлог-имиња за тетовските улици. Од Сојузот излегоа со остар протест, истакнувајќи дека е целосно недозволиво и спротивно на законот улица да добие име по човек кој отворено ја негирал македонската нација и јазик.
„Лицето Фадил Сулејмани имал јасно изразени антимакедонски ставови. Сметал дека Македонците се Бугари, а Македонија дека е вештачка држава. Да именувате улица со име на човек кој го негира постоењето на државата и посебноста на народот, е чин против државата, без преседан во светот.“
Тие потсетуваат на архивски напис од 2000 година во кој се пренесени негови изјави за софиски „Монитор“. Во тоа интервју, Сулејмани тврдел дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот и дека Македонците со децении ги спроведувале хегемонистичките политики на сметка на Албанците.
„Во Македонија нема Македонци, тие се Бугари а таа е вештачка држава.По 100, 200 години македонскиот јазик може да биде формиран како како јазик, но сега е дијалект на бугарскиот“
Борците сметаат дека ваквиот предлог улица во Тетово да го носи неговото име ги навредува чувствата на граѓаните и директно ги нарушува меѓунационалните односи. Тие јавно ги повикаа и членовите Македонци во Општинската работна група веднаш да се повлечат и да не го легитимираат овој за нив, штетен процес.
Инаку, Уставниот суд на 17 јуни годинава ја укина Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади и инфраструктурни објекти во Општина Тетово од 2007 година бидејќи била донесена во спротивност со Законот и Уставот. Судот утврди дека Општина Тетово ниту побарала ниту добила задолжителна претходна согласност од Владата, со што го прекршила законскиот услов и начелото на владеење на правото. По неколкукратни неуспешни барања до Општината и Владата да достават таков документ, Уставниот суд ја укина одлуката.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
