Македонија
22. September 2023 - 16:32

Грковска: Со измените во Кривичниот законик се сака да се смени општата перцепција на неказнивост

Иако измените во Кривичниот законик ќе ослободат дел од функционерите кои ја злоупотребиле положбата, министерката за добро владаеење вака ќе ја менува перцепцијата за неказнивост.

Според Грковска, со намалените казни ќе се зголеми ефикасноста во расветлување на дела за злоупотреба на службената положба. Ова пак е сосема спротивно на вчерашната изјава на евроамбасадорот Гир кој рече дека измените придонесуваат за зголемена неказнивост.

„Одговорноста прво кај политичарите, а потоа кај сите останати е да се разбие општата перцепција на неказнивост за која што секој од нас, без разлика во која власт се наоѓа, е дел од одговорноста“ – Славица Грковска, министерка за добро владеење.

Откако Гир ја пофали работата на Антикорупциска и рече дека многу често по нивните препораки не се постапува, Грковска вели дека одлично соработуваат и изрази очекување за ефикасни и ефективни одлуки.

„Ние имаме одлична соработка со сите институции и за многу краток период сме покажале резултати за многу прашања коишто, за жал, со децении биле заглавени. Прогрес има, се согласувам со евроамбасадорот, но се согласувам со тоа дека сме далеку да бидеме задоволни и дека имаме уште многу работа“ – Славица Грковска, министерка за добро владеење.

Токму Грковска летово ја критикуваше Антикорупциската комисија откако се пронајде во прес конференција за струшкиот градоначалник Мерко и ја нападна дека сака надлежноста и одговорноста да ги префли на други. По неа и вицепремиерот Груби рече дека антикорупционерите не ги бива, на што претседателката Ивановска реагираше: кога се е наопаку, дното е на површина.