Груевски: Ние сме европјани и нашето место е во Европа
Ние сме Европјани и нашето место е во Европа, истакна македонскиот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето пред присутните политички лидери на Конгресот на Европската народна партија што се одржува во Мадрид.
Премиерот потенцираше дека Република Македонија ги живее и работи за европските вредности.
- Ние сме европјани и нашето место е во Европа. ЕПП во целиот овој период од независноста е голем пријател на мојата земја, помогнала во надминување на многу предизвици, во спроведување на многу реформи кои имале за цел унапредување на стандардите, посочи НиколаГруевски, премиер на Р. Македонија и претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Груевски истакна дека Европа мора да продолжи да се движи напред, а во тоа движење нужно е да се обезбедат гаранции и услови за движење напред на секоја земја членка која сака да биде дел од ЕУ.
Премиерот и претседател на владејачката партија во говорот потенцираше дека шесте последователни препораки на ЕК за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ, се показател и причина за оправданите очекувања и потреби на македонските граѓани кои очекуваат соодветна одлука од Европскиот совет.
Според шефот на македонската Влада поддршката на Европската народна партија е значајна за остварување на оваа цел, исто како и поддршката на ЕПП и нејзините членови во надминувањето на предизвиците кои ги имавме на домашен план и давањето на нов ветар на реформите, на евроинтеграциите и развојот македонската економија.
- Македонската Влада ќе продолжи да спроведува длабоки политички и економски реформи, кои се насочени кон исполнување на неопходните критериуми за членството во Европската унија, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живеењето на македонските граѓани, како и кон јакнење на капацитетот на институциите на Република Македонија, бидејќи, како што посочи, ние сакаме да ја оствариме главната стратегиска цел на нашата земја за членство во европските и евроатлански интеграции, додаде Груевски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за солидарноста и дека е потребна државната поткрепа, особено во поддршката на социјално ранливите групи и младите, каде пред се државата треба да се залага за вработување, предизвик кој е актуелен во сите земји надвор од ЕУ, истакна Груевски и додаде дека на овој проблем Македонија е особено посветена и има позитивни резултати, кои говорат дека и во време на светска финансиска криза земјата успеа во неколку години да ја намали невработеноста за повеќе од 11 проценти.
На Конгресот на Европската народна партија во шпанската престолнина се собрани европските политички лидери чии политички опции припаѓаат на ЕПП. Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски учествуваше попладнево во работното претседателство за ибор на претседател на партијата.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
