„Гугл“, „Мета“ и „ТикТок“ ја тужат Калифорнија: Не сакаат ограничувања за деца под 16 години

Компаниите „Гугл“, „Мета“ и „ТикТок“ поднесоа одделни тужби против американската сојузна држава Калифорнија, со барање да се оспори Законот за заштита на децата од ризиците поврзани со социјалните мрежи, тврдејќи дека тој ги крши нивните права загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.
Законот што треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година, им забранува на технолошките компании да им нудат на деца помлади од 16 години содржини што создаваат зависност, како и функции како бесконечно прелистување содржини и автоматско пуштање видеозаписи.
Компаниите ќе мора да преземат „разумни мерки“ за да спречат лицата помлади од 16 години да пристапуваат до таквите функции, што подразбира и проверка на возраста на корисниците. Законот во септември го потпиша гувернерот Гевин Њусом.
„ТикТок“ оцени дека станува збор за „очигледно неуставно ограничување на слободата на изразување“, со кое се загрозува долгогодишната практика на уредување и препорачување содржини врз основа на интересите на корисниците – практика што ја применуваат и книжарниците, телевизиските мрежи и стриминг-сервисите.
Компанијата соопшти дека на својата платформа веќе има воведено бројни безбедносни мерки за децата, додавајќи дека Законот го занемарува напредокот во заштитата на тинејџерите на Интернет, ја ограничува слободата на говорот и им го одзема на родителите правото да одлучуваат што е соодветно за нивните деца.
„Мета“ тврди дека Законот го крши Првиот амандман бидејќи ѝ овозможува на државата да диктира како идеите се организираат, прикажуваат и споделуваат со жителите на Калифорнија.
„Поради овој закон, би биле принудени или да отстраниме функции што помагаат содржините што ги гледаат тинејџерите да бидат соодветни за нивната возраст, или на илјадници тинејџери во Калифорнија да им го оневозможиме контактот со семејството, пријателите и нивните заедници“, се наведува во соопштението на компанијата.
„Гугл“ смета дека родителите се оние што треба да носат одлуки за своите семејства и посочува дека нуди низа алатки за родителска контрола и заштита.
„Законите со преширок опфат, како овој, всушност ги нарушуваат системите што ги изградивме за да им помогнеме на децата да пронајдат квалитетни видеосодржини соодветни за нивната возраст“, изјави портпаролот на „Гугл“, Хозе Кастањеда.
Технолошките компании се соочуваат со сè поголем надзор поради штетното влијание на нивните платформи врз децата, што резултираше со илјадници тужби поднесени од училишта, државни институции и поединци.
МИА
Ново на Сител
-

Истрага против четири лица, а за тројца побаран притвор после големата акција во Куманово: „Падна“ лихварска група
-

ДЗС: Безбедно отстранети две минофрлачки гранати од 75 mm од Прва светска војна во прилепско
-

Сите банки во Македонија најавуваат технички прилагодувања викендов, можни се прекини во плаќањата
-

Милнер се подготвувал за дебитантскиот маратон со помош на вештачка интелигенција
-

ПМФЛ: Португалецот Рибеиро го напушти Башкими
-

Ќе ги гледаме ли соништата како филм? Јапонски научници со помош на ВИ успеале да откријат што сонуваме
-

Лангстон Лав трето американско засилување на ГКК Штип
-

Приведен скопјанец во Кучевиште, превезувал огревни дрва без документација и возел без дозвола
