Свет
26. јуни 2025 - 14:10

Хамнеи прогласи победа на Иран над Израел во 12-дневната војна

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Техеран постигнал победа над Тел Авив по 12-дневен вооружен конфликт и во таа прилика му честиташе на иранскиот народ.

„Му честитам на иранскиот народ за победата“, рече Хамнеи во својата порака, нагласувајќи ја „големата победа над лажниот ционистички режим“.

„И покрај целата негова врева и самофалба, тој режим речиси падна под ударите на Исламската Република и беше скршен“, објави ајатолахот Хамнеи во своето прво обраќање по примирјето меѓу Израел и Иран, кое вчера го потврди иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Конфликтот почна ноќта меѓу 12 и 13 јуни, кога Израел започна воена операција против Иран, обвинувајќи го Техеран за тајно развивање на воена нуклеарна технологија, со воздушни напади насочени кон иранските нуклеарни постројки, високи воени функционери, истакнати нуклеарни физичари и воени бази.