Хет-трик на Стефан Ристиќ за голема победа на македонската репрезентација до 17 години над Унгарија

Македонската репрезентација до 17 години на спектакуларен начин ги започна настапите во првата квалификациска рунда за пласман на Европското првенство 2027 година.
Избраниците на Иљами Исејни славеа голема победа од 3:2 над Унгарија, иако во еден момент имаа негатива од два гола.
Главниот херој на македонските надежи беше Стефан Ристиќ, кој со три погодоци режираше целосен пресврт и донесе три важни бода.
Натпреварот, кој се одигра во Трабзон, Турција, започна со водство на противникот.
Унгарците ја искористија својата можност во 8. минута, кога Арон Хорват ја затресе македонската мрежа за 1:0.
Нашите фудбалери во продолжението од првото полувреме се обидуваа да стигнат до израмнување, а добри можности имаа Полимец, Ристиќ и Крстевски, но на паузата се замина со предност на Унгарија.
На почетокот од второто полувреме следуваше нов удар за македонскиот состав.
Во 48. минута капитенот на Унгарија, Тимот Фаркаш, зголеми на 2:0 и се чинеше дека противникот е на добар пат до победата.
Сепак, македонските надежи не се предадоа. Во 55. минута Стефан Ристиќ ја намали негативата и ја врати неизвесноста во натпреварот.
Македонија продолжи да напаѓа, а Велевски во 66. минута имаше обид за израмнување.
Притисокот на нашата селекција вроди со плод во 86. минута. По одличното додавање на Матеј Николов, Ристиќ повторно беше на вистинското место и со својот втор погодок на натпреварот донесе израмнување на 2:2.
Кога се очекуваше последниот судиски свиреж, следуваше и најубавиот момент за Македонија.
Во четвртата минута од судиското продолжение Ристиќ го комплетираше својот хет-трик и ја запечати големата победа од 3:2.
Со неверојатен карактер и борбеност, македонските фудбалери успеаја да се вратат од два гола негатива и да освојат три бода на стартот од квалификациите.
По одличниот почеток, Македонија ја очекува дуел со Сан Марино на 14 ноември, во рамките на второто коло од групната фаза.
Последниот натпревар од турнирот, кој се одржува во Трабзон од 11 до 17 ноември 2026 година, нашите фудбалери ќе го одиграат против домаќинот Турција на 17 ноември.
Македонија настапува во Групата 11, заедно со Турција, Унгарија и Сан Марино. Првите две селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во втората квалификациска рунда, односно во Лига А, додека останатите ќе продолжат во Лига Б.
Во втората квалификациска рунда, која ќе се игра напролет 2027 година, 28 репрезентации во Лига А ќе се борат за седумте места на завршниот турнир.
Победниците на седумте групи ќе обезбедат учество на Европското првенство 2027, чиј домаќин ќе биде Летонија во периодот од 24 мај до 6 јуни.
Ново на Сител
-

Тошковски: Жената треба да се чувствува најбезбедно во својот дом, со новиот закон се предвидуваат и електронски алки за насилниците
-

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
-

Трамп: На САД не им треба договор со Иран
-

Трамп се закани со двојно зголемување на царините ако Мексико не го запре мигрантите
-

Криминална организација во Солун шверцувала над 17 милиони цигари и незаконски се стекнала со 1,36 милиони евра
-

По аферата со кинеска шпионка, оставка на извршниот директор на „Енвидија“
-

Фон дер Лајен на ЕПЗ во Даблин: ЕУ ќе ја поддржи Украина и во војна и во мир
-

Инвестирани над 40 милиони денари за Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“
