Свет
5. October 2026 - 8:54

Хмара: Украинските сили онеспособија над 51 отсто од руските рафинериски капацитети за нафта

Украинските безбедносни и одбранбени сили онеспособиле над 51 отсто од руските рафинериски капацитети за нафта, изјави украинскиот министер за одбрана Евгени Хмара, цитиран од Укринформ.

„Разузнавањето и аналитичарите на Генералштабот и Министерството за одбрана ги проценија резултатите од нападите со долг дострел од страна на безбедносните и одбранбените сили. Над половина од објектите на непријателот се онеспособени. Ова е резултат на внимателно осмислени, планирани и систематски акции насочени кон искрварување на руската воена машинерија и уништување на нејзиниот воено-економски потенцијал“, рече министерот.

Министерството за одбрана во Киев забележува дека неодамна украинските сили успеале да погодат рафинерии за нафта во Москва, Јарослав, Перм, Илск, Саратов и Сизран, како и фабриката Киришинефтеоргсинтез и рафинеријата Уст-Луга.

Последиците од украинските напади не се секогаш веднаш очигледни, но тие имаат кумулативен ефект и нивните резултати стануваат видливи подоцна, забележа Министерството за одбрана во Киев.

„Педесет и еден процент од капацитетот за рафинирање на нафта е значаен удар за економијата на непријателот, неговата способност да изврши агресија и да обезбеди снабдување на своите трупи. Нашите длабоки напади продолжуваат да ја носат војната на територијата на Русија“, нагласи Хмара.

 

МИА

Ново на Сител