Хојт Ји на средби со Иванов и лидерската четворка
Ден по средбите со партиските лидери, заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји ќе ја соопшти својата оценка. Прв на неговата агенда денеска беше лидерот на ДПА. Половина час во амбасадата на САД разговараа со Мендух Тачи за политичката криза и можностите за нејзино надминување. Лидерот на ДПА тврди дека токму помошта која Македонија ја добива од приујателите од запад помогнала да не се самоубијат домашните лидери.
Од амбасадата на САД, Ји замина во седишето на СДСМ. Од лидерот Зоран Заев ги слушнал ставовите и најголемата опозициска партија. Според партиското соопштение на заменикот помошник државен секретар му била пренесена оценката за актуелната политичка состојба и ставовите кои ги има партијата.
„Поништување на одлуката на Иванов за аболиција мора да се случи што поскоро. Основно демократско начело е дека сите граѓани се еднакви пред законите и тоа мора да се обезбеди. Владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни, фер и кредибилни избори се клучни процеси за враќање на правдата, слободата и демократијата во Република Македонија. Само така Македонија може да зачекори во сигурна и подобра иднина за сите граѓани“ порачал Заев на средбата пишува во соопштението.
Веднаш по средбата во СДСМ Ји заедно со амбасадорот Бејли во амбасадата на САД го примија лидерот на ДУИ Али Ахмети.
За политичката криза и ставовите за нејзино надминување Хојт Ји разговараше и со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ во партиското седиште.
Од амбасдата на САД попладнево во соопштението испратено до медиумите ја поздравија одлуката на уставниот суд, во која гледаат како можност за целосно реализирање на договорот од Пржино.
- Ова пак, претставува обновена можност за Собранието и за политичките лидери, да покажат на дело дека се силно посветени на Пржинскиот договор и неговите начела -- владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори. Оваа рамка и понатаму претставува најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза. Ветувања за реформи или искази за намера нема да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат. Делата ќе го сторат тоа, се вели во соопштението од амбасадата на САД.
Тие порачуваат дека помилувањата мора да бидат итно поништени и да продолжи враќањето на довербата во владеето на првото.
Слична речиси идентична заедничка изјава испратија и комесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна и безбедносна политка на ЕУ, Федерика Могерини.
- Ова е враќање на можноста за државата да се осврне на повеќе сериозни прашања кои се во срцето на пролонгираната политичка криза. Патот напред мора да биде дефиниран од главните политички партии заедно бидејќи само со зрел дијалог инклузивност и посветеност на демократските принципи, како и на неопходните реформи и нивното спроведување земјата ќе се врати на евроатлантскиот пат. Сите партии мора да го почитуваат договорот од Пржино на кој се согласија минатата година. Оваа рамка останува најдобар начин за излез на земјата од постојната криза. Треба да се продолжи со работа на подготовка на кредибилни избори како и на итните реформски приоритети преку инклузивен процес, се вели во заедничката изјава.
-

Иван Кузмановски
Сите содржини од овој новинар
