Македонија
17. November 2026 - 16:49

ХПВ вакцинација и редовни прегледи за искоренување на ракот на грло на матка

ХПВ вакцинација на девојчиња и момчиња, скрининг и редовни прегледи ќе спречат тинејџерки да завршуваат на Клиника за гинекологија со рак на грло на матка.

18 годишна девојка е најмладиот пациент со оваа дијагноза, предупредуваат лекарите и апелираат на поголема свесност и спроведување на конкретните мерки.

- Со помош на вакцинацијата и активниот скрининг, преку кој болеста ќе ја откриваме во најраните фази, можеме да добиеме општество во кое ракот на грлото на матката ќе биде минато, изјави проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.

Иако ХПВ вакцината е во задолжителниот календар за имунизација од 2009 година, опфатот со вакцинирани е околу 51 проценти.

Исто е и со посетата кај матичен гинеколог кога жените најчесто одат за време на бременост или поради здравствен проблем.

- Во нашата природа е да не се плашиме од она што не го гледаме. Но, кога ќе се соочиме со дијагноза, тогаш почнува паниката. Токму затоа превенцијата е толку важна. Не треба да чекаме да се појави болест за да почнеме да размислуваме за заштита, изјави д-р Соња Ралева, пинкт за имунизација Бит пазар.

- За жал, сè уште имаме жени кои не одат редовно на гинеколог, некои поради страв од прегледот, други затоа што сметаат дека нема потреба ако немаат никакви тегоби. Но, тие неколку минути одвоени за превентивен преглед можат да бидат пресудни за нивното здравје, изјави Д-р Емилија Трајковска – матичен гинеколог.

Според Светската здравствена организација, за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, до 2030 година земјите треба да постигнат три цели: 90 отсто од девојчињата да бидат вакцинирани против ХПВ до 15-годишна возраст, 70 отсто од жените да бидат опфатени со соодветен скрининг до 35 и повторно до 45 години и 90 отсто од жените со откриени преканцерозни промени или рак да добијат соодветен третман.