Македонија
28. April 2017 - 12:12

Хронологија на вчерашните случувања во македонското собрание

Тензичните случувањата во Собранието почнаа околу 18 часот. Откако претседавачот Трајко Вељановски го прекина 20. продолжение на Конститутивната седница на Собранието претениците од СДСМ и од албанските партии, како и од ВМРО-ДПМНЕ останаа во пленарната сала.

Потоа најстариот присутен пратеник Ферид Мухиќ, како што рече, го презема претсседавањето со седницата и веднаш потоа таа должност му ја предаде на Горан Мисовски од НСДП. Мисовски ги повика присутните пратеници да гласаат за преминување на четвртата точка од дневниот ред-избор на претседател на Собранието. Откако констатира дека, како што рече, добил поддршка од 66 пратеници кажа дека го става предлогот Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието на гласање.  Мисовски рече дека неговиот предлог добил поддршка од 61 пратеник и објави дека Џафери  е избран за претседател на Собранието. Талат Џафери потоа им се обрати на пратениците на албански јазик.

Истовремено пратениците на ВМРО-ДПМНЕ стоејќи пред собраниската говорница извикуваа „ова е пуч“ и ја пееја македонската химна. Потоа во пленарната сала се пробија дел од учесниците на протестот „За заедничка Македонија“ и дојде до физичка пресметка.

Пред прекинувањето на седницата, пратениците од СДСМ станаа на своите места по побараната процедурална забелешка од Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, по што тој започна со интерпретирање на химната наМакедонија на што станаа сите пратеници и заедно ја испеаа. На крајот од химната претениците од СДСМ почнаа со скандирање „гласање“, алудирајќи на изборот на претседател на Собранието, додека истовремено со скандирање „избори“ се огласија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.