Хуманитарна велигденска акција во Струмица - 150 пакети со храна за социјално ранливи семејства
Сподели дел од својот Велигденски ручек, ова беше мотото под кое фондацијата Елеуса од Струмица реализираше празнична хуманитарна акција. Благодарение на хуманите луѓе фондацијата подготви над 150 пакети и овозможи повеќе семејства од социјален ризик да ја почувствуваат празничната атмосфера и да имаат пристојна трпеза. Во мисијата на хуманото семејство Елеуса се приклучиле голем број поединци и компании кои дале свој придонес за граѓаните кои имаат потреба од помош, а чиј број за жал секојдневно расте.
Големите празници нема да бидат единствените денови кога се покажува хуманоста. Од Елеуса најавуваат континуирани акции и во наредниот период со цел да стасаат до што поголем број на семејства и поединци кои имаат потреба од помош.
Фондацијата Елеуса која формално беше промовирана пред неколку месеци претставува продолжување на долгогодишната добротворна дејност на група верници од струмичката православна епархија. Фондацијата делува со благослов од викарниот епископ Стобиски Јаков кој заедно со целото свештенство на струмичката епархија ги поддржува нивните активности.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар