Македонија
25. January 2026 - 16:33

Или промени или распад - Членството на СДСМ со порака до раководството

Ако не се менува, СДСМ ризикува да исчезне од политичката сцена пишува пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска. Ова го порачала и од говорницата на партискиот конгрес. Во објава на социјалните мрежи Петровска вели дека пред делегатите ја истаканала потребата од јасна стратегија, искрено соочување со реалноста и одлучно дејствување.

Предложив конкретни демократски промени, меѓу кои и статутарна измена со која претседателите на општинските организации би се избирале непосредно од членството, наместо да бидат именувани од претседателот на партијата, како што е досегашната практика. Порачав дека критичката мисла е суштинска одлика на социјалдемократијата. Но, за да ја расчистиме секоја дилема: кој критикува и од кои побуди предложив политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и за членовите на раководството со цел да не ни се повторуваат непристојни јавни објави ‘едни против други“, пишува Петровска.

Дека на Конгресот членството испратило јасна порака до раководството на СДСМ дека партијата не може да продолжи да функционира исто потврди и партискиот потпретседател во тема на денот. Трајановски вели дека вчерашниот конгрес испратил јасна порака за обединетост, шпекулациите за распад на партијата паднале во вода, а се разговарало и за јавните критики на поранешни високи функционери.

Членството изрази разочараност од излегувањето на поранешни функционери со јавни критики, бидејќи истото тоа членство некогаш активно работело на терен за некој да стане градоначалник, а некој да стане директор. На СДСМ во моментов не му требаат поделби туку единство. Јас повтроно ги повикувам и Шилегов и Деспотовски да не излегуваат по телевизии и да и прават штета на партијата, туку да дојдат во партијата и да разговараме. СДСМ е единствената партија која може да ја симне ВМРО-ДПМНЕ од власт, вели Трајановски. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска одговараат на критиките на Филипче кон власта, дека државата назадува, со блокирани евроинтеграции и презадолженост.

Според владејачката партија, Венко Филипче е послендниот кој има право да зборува на овие теми.

СДСМ е синоним за националани предавства. Венко нема право да обвинува никого за ништо. Пред конгресот Филипче требал на членството да му ги објасни сите предавства кои ги има направено партијата... вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Со повици за обединување и мобилизација на членството заврши вчерашниот 31 конгрес на СДСМ. Делегатите потврдија дека Фани Каранфилова Пановска останува заменик претседателка на партијата, а им дадоа доверба и на новоизбраните членови на Извршниот и Централен одбор.