Илјадници луѓе во Рим на сопернички анти и промиграциски демонстрации

Десетици илјади луѓе синоќа маршираа низ улиците на Рим на сопернички анти и промиграциски демонстрации, откако екстремно десничарската граѓанска иницијатива која бара сеопфатни мерки против мигрантите доби доволно поддршка за да биде изнесена во парламентот.
Петицијата на иницијативата собра 50.000 потписи потребни за започнување парламентарна дебата. Сè уште не е одреден датум за гласање за иницијативата.
Предлогот, промовиран од десничарски групи, повикува на сеопфатни мерки насочени кон странците, вклучувајќи присилни враќања, стимулации за напуштање на Италија и пошироки политики за кои критичарите велат дека би можеле да се прошират и на легалните жители.
Неколку илјади демонстранти од цела Италија се собраа на марш против миграцијата, пеејќи ја националната химна. Во неколку наврати, многумина од нив ги кренаа рацете во фашистички поздрав, извикувајќи „Дуче! Дуче!“, алузија на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини, кој владееше со Италија од 1922 до 1943 година.
Во соперничките демонстрации за миграцијата, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во друг дел од Рим. На маршот учествуваа разни левичарски групи и синдикати, а некои демонстранти мавтаа со палестински знамиња.
Илјадници полицајци се распоредени низ градот за двете ривалски групи да останат одвоени. Не е пријавено насилство.
Дебатата за миграцијата претставува деликатен чин на балансирање за десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони. Додека антиимиграциската партија Лига го поддржа отворањето на дискусијата, партијата Браќа на Италија на Мелони и центристичките сојузници беа повнимателни во поддршката на предлогот поврзан со екстремистички кругови, поради загриженоста за правните ризици и внатрешните поделби.
Критичарите, вклучувајќи ги опозициските партии и правните експерти, велат дека предлогот би ги прекршил уставните и меѓународните принципи против дискриминација со тоа што ќе ги таргетира луѓето врз основа на етничка припадност, вклучувајќи ги и натурализираните граѓани и нивните потомци.
Контроверзноста доаѓа дури и кога владата на Малони води паралелна политика на проширување на легалната миграција, откако одобри повеќегодишен план за прифаќање на стотици илјади работници надвор од ЕУ за да се справи со недостигот на работна сила во клучните економски сектори.
Демонстрациите во Рим се одржаа еден ден откако стапи на сила нов сет правила на Европската унија со кои се регулира начинот на кој секоја од 27-те земји-членки на блокот ќе се справува со нелегалната миграција и барателите на азил.
Европскиот пакт за миграција и азил е кулминација на години исцрпувачки преговори за реформа на претходниот систем, кој се сметаше за неуспех и им даде на крајно десничарските партии алатка за освојување гласови.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Нема мигранти, но ќе има брза пруга, се потврди дека СДСМ кажува невистини
-

Мицкоски: Реконструкција на Владата по роденденот на партијата на 17 јуни
-

СП 2026: Стартни победи на Австралија и Шкотска, по бод за Бразил и Мароко
-

„Центарска симфонија“ синоќа во организација на Општина Центар
-

Пронајдена дрога при претрес во Гостивар
-

НБА: Прва титула за Њујорк по пауза од 53 години
-

ИДФ повикаа на евакуација на 29 села и градови во јужен Либан, пред нападите врз Хезболах
-

Мицкоски: Еврокомесарката Кос ќе престојува во земјава во рамките на редовната обиколка на регионот
