Македонија
4. July 2023 - 16:42

Инспекциски надзор на Гинекологија по обидот за самоубиство на родилка

Состојбата на 39-годишната родилка од Скопје која скокна од прозорец на Клиниката за гинекологија и понатаму е критична. Лекарите на КАРИЛ се борат за нејзиниот живот откако во неделата вечерта при падот се здобила со сериозни повреди на главата, вратот и градниот кош, информираат од ТОАРИЛУЦ.  

Денеска инспектори од ДСЗИ на ГАК вршеле вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат фактичката состојба и што претходело на немилиот настан, соопштија од Министерството за здравство.

Професорката Славица Арсова од Клиниката за психијатрија вели дека депресивна состојба за време на бременоста, според статистиките, се јавува кај 10 до 15 отсто од жените, не само кај нас туку секаде во светот, но загрижува фактот зошто се смета дека овој процент е двоен бидејќи многу од трудниците страдаат во тишина, не препознаваат, се срамат или плашат да побараат помош. Според психијатарот Арсова повеќе фактори можат да предизвикаат депресивно однесување во бременоста, но и по породувањето.

- Фактори на ризик се возраста доколку е малолетна или повозрасна прворотка, подолготрајно лекување, стерилитет, насилство во околината или семејството, некои минати епизоди дури и поблаги, слаба психолошка подршка од околината и најблиските можат да придонесат да се јави депресивна состојба во бременоста, изјави проф. д-р Славица Арсова, од Клиниката за психијатрија.

Доктор Арсова потенцира дека е многу значајно потешкотиите кај жените да се видат уште во бременоста зошто има голем ризик дури и една година по породувањето да не може да се грижи за себе ниту за бебето. Депресивната состојба може да ја препознае или самата или некој од нејзините блиски.

- Доколку мајката не се чувствува добро, не е расположена, нема волја да работи или да има други активности, се оплакува на бројни потешкотии кои немаат суштинско потекло, тогаш таа или некој од нејзините блиски треба да побараат соодветна стручна помош, вели професорката Арсова.

Токму на Клиниката за психијатрија, секој вторник жените можат да побараат помош во Кабинетот за третман на депресивни состојби за време на бременост и после породување со кој раководи професорката Арсова.