Истекува рокот за притвор на Груби, без обвинение следуваат поблаги мерки
За нешто помалку од две недели истекува периодот во кој поранешниот вицепремиер, Артан Груби, може да остане во домашен притвор. Ако до крајот на идната недела, за него нема обвинение, судот ќе го укине притворот за Груби и ќе му одреди поблаги мерки за обезбедување. Според Закон, во тек на истрага, притворот не може да трае повеќе од шест месеци.
Закон за кривична постапка, Член 171:
„Вкупното траење на притворот во истражна постапка, не може да биде подолго од 180 дена, и со истекот на тој рок, притворениот веднаш ќе се пушти на слобода“, предвидел законот.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека ако нема во меѓувреме обвинение со барање за продолжување на притворот, Груби ќе може да излезе од домашен притвор, но нема да смее да ја напушти државата. Пасошот кој му е веќе одземен се сметал како мерка на претпазливост.
Од Јавното обвинителство, не откриваат во која фаза е случајот против поранешниот вицепремиер, но, се воделе според роковите за времетрање на истрагата и мерките за негово обезбедување.
„Јавниот обвинител постапува имајќи ги предвид законските рокови и определените мерки за обезбедување. По донесување на јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде известена“, велат од обвинителство.
Груби е во домашен притвор од крајот на февруари годинава откако сам се пријави на граничниот премин Блаце. Тогаш веднаш беше спроведен пред надлежен обвинител, а според информации на Сител, во изминатиот период, направил и увид во доказите.
Додека изминува рокот во кој поранешниот вицепремиер може да остане во домашен притвор, а обвинение се уште нема, политичките партии разменуваат обвинувања. Владејачката ВРЕДИ праша дали Груби е црната кутија на ДУИ па затоа и случајот се одолговлекува. Од партијата на Ахмети повикаа постапката да се води законски, а не според барања на политичките партии.
Поранешниот вицепремер е осомничен за проневера на повеќе од 8 милиони евра во Државна лотарија. Отворањето на случајот, Груби го затекна во Косово – на фејсбук напиша дека штом ги заврши обврските, веднаш ќе се врати дома.
По таквата објава, дури по 14 месеци Груби влезе во државата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
