Македонија
6. September 2022 - 16:34

Истражување: 70 проценти средношколци биле сведоци на булинг во училиштата

Епидемија на насилство постои во средните училишта. Ваков е заклучокот од истражувањето помеѓу средношколците на организацијата Аналитика. Близу 63 проценти од учениците потврдиле дека булингот е често или постојано присутен во училишната средина, а дури 70 проценти од децата биле сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат зошто не знаеле каде да се обратат. За потребите на ова истражување биле одржани работилници на кои учениците се нашле во улога и на насилник и на жртва.

Ова им помогна на учениците да ги развијат чувствата еден кон друг и да развијат чувство на емпатија и во двата случаи што се случува. Правевме симулации, тие ја играа и едната и другата улога и во овие три училишта се направи преубава атмосфера и учениците ја добија вистинската слика со која се соочува нивниот соучесникво рамки на насилство, изјави Тамара Мијовиќ  Спасова, од Тинк тенк организацијата “Аналитика”.

Иако висок процент од 82 отсто од учениците одговориле дека наставниците посветуваат многу време на едукација за превенција и справување со насилството, сепак недостига соработката помеѓу родителите, професорите и стручниот кадар. Загрижува и податокот дека 83 проценти од девојчињата биле жртви на родово насилство во училиштата.

Не само паушално да се наведува насилството во наставните програми, значи мора да се работи со децата, да се развива свесноста кај нив и да се олеснат учениците да ги споделуваат овие работи, да не се држи во тајност, рече Тамата Мијовиќ Спасова од “Аналитика”.

Во истражувањето биле опфатени 305 ученици со мешан етнички состав.