Свет
6. November 2026 - 15:07

Италија планира да ги казнува возачите кои возат пребавно во левата лента

Италија набрзо би можела да ги санкционира возачите кои на одредени делници возат пребавно, со казни до 160 евра, пренесуваат денеска локалните медиуми.

Мерката за поголема проточност на сообраќајот во почетокот би требало да се однесува на автопатиштата со вкупно шест сообраќајни ленти, а би требало да стапи во сила набрзо, јавија италијанскиот правен портал „Брокарди“ и швајцарскиот портал „Блу Њуз“.

Се предлага минимална брзина од 100 километри на час во левата лента, на делниците со најмалку три ленти во секоја насока.

Исклучоци се предвидени во случаи кога сообраќајните знаци наложуваат поинаква брзина или кога околностите бараат побавна возење, што вклучува густа магла, силен дожд, сообраќајни несреќи, работи на патот или сообраќајни застои.

Одредбата за парични казни во опсег од 40 до 160 евра е дел од нацртот на новиот закон за безбедност во сообраќајот што италијанската влада го одобри во октомври и го упати во парламентот, каде што се чека конечното усвојување на текстот.

Милиони туристи секоја година минуваат низ италијанските автопатишта. Пред две години, приближно 40,7 милиони странски посетители пристигнаа со автомобил, што претставува речиси 46 проценти од сите меѓународни доаѓања, покажуваат податоците на италијанската агенција за заштита на животната средина ИСПРА. 

МИА