Иванов: Со авиони да се пренесат бегалците од Грција
Воздушен коридор за транспорт на бегалците од Грција, побара претседателот Иванов на безбедносната конференција на ОБСЕ во Рим. Тоа е единствен начин да се спречи хуманитарна криза во Грција и неопходно е што поскоро да се испразни територијата на Грција од мигрантите кои се заглавени во оваа земја. Иванов порачува дека Македонија е за заеднички кретириуми и ќе ги следи постапките на останатите земји дел од бегалската рута. Земјата е подготвена за сите сценарија, а од безбедноста на Македонија во овој момент зависи и безбедноста на Европа убеден е Иванов.
-Колку што е цврста Грција, толку е цврста Европската Унија. Колку што е цврста Македонија, толку е цврста безбедноста на континентот Европа. Инвестирајќи во безбедноста на Македонија, европските држави инвестираат во сопствената безбедност, порача Иванов.
Иванов на конфернецијата во Рим укажал на неопходноста од размена на податоци меѓу безбедносните служби, бидејки според него кризата не може да се реши со бирократски процедури. Претседателот предупредил дека продолжува зголемената употреба на фалсификувани патни исправи, документи од ФРОНТЕКС како и обидите за насилно влегување во Македонија, што влијае и на националната, но и на регионалната безбедност.
-Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. На некој начин, доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската Унија, рече Иванов во обраќањето, додавајќи дека ЕУ ги избриша внатрешните, без да ги утврди и обезбеди надворешните граници.
Иванов оценува дека мигрантската и бегалска криза е стрес-тест за сите вредности, принципи, институции, политики и процедури на Европската Унија и на европските држави.Кризата според македонскиот претседател се продлабочува, а со напливот на мигранти расте и трговијата со луѓе и профитот на криминалните групи.
-

Иван Кузмановски
Сите содржини од овој новинар
